Активности



Четврток, 15 декември 2011 година

Шестнаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шестнаесеттата седница, одржана на 12 декември 2011 година, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон за дополнување на Законот за експропријација (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека основна цел на предложеното решение е обезбедување на континуитет во производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија, како дејност од јавен интерес.

Согласно Законот за енергeтика, односите во областа на производството и дистрибуцијата на топлинска енергија се дејност од јавен интерес и истите се вршат врз основа на издадена лиценца на правни лица сопственици на постројки за производството на топлинска енергија или системи за дистрибуција на топлинска енергија. Доколку носителот на лиценца е субјект кој е и сопственик на постројките за производство на топлинска енергија или системот за дистрибуција и снабдување на топлинска енергија не го реализира јавниот интерес, односно не врши производство, дистрибуција и снабдување  со топлинска енергија, се наметнува потреба од промена на носителот на лиценцата а со тоа и промена на носителот на правото на сопственост на постројките за производство, системите за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Во насока на обезбедување на непречена реализација на оваа дејност со предложените дополнувања на постојното законско решение се овозможува експропријација на системите за дистрибуција. 

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Изет Зеќири, г. Ромео Тренов и г-ѓа Лилјана Кузмановска.

На крајот од расправата, Комисијата со седум гласа „за“ и еден „против“, заклучи дека согласно Деловникот на Собранието, не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Предлогот на закон за дополнување на Законот за експропријација.


Click