Активности



Вторник, 23 август 2011 година

Трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Третата седница, одржана на 19 август 2011 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход;
  3. Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност;
  4. Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите;
  5. Предлогот на закон за дополнување на Законот за ревизија;
  6. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност;
  7. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари;
  8. Предлогот на закон за дополнување на Законот за девизното работење;
  9. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царинските мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост;
  10. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка;
  11. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност;
  12. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот.

Воведно образложение на сите Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, г. Рамизи истакна дека предложените изменувања и дополнувања се во насока на поттикнување и развој на микро и мали бизниси во Република Македонија.

Имено, со предложеното законско решение се овозможува целосно ослободување на обврската за плаќање на данок на добивка за трговските друштва клaсифицирани како мали и микро трговци и правните лица резиденти на Република Македонија кои водат сметководство и изготвуваат годишни сметки согласно Законот за трговските друштва, под услов овие друштва да не вршат деловна активност од областа на банкарската, финансиската, осигурителна дејност и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри, а чиј вкупен годишен приход не изнесува повеќе од 3.000.000 денари.

На  даночните обврзници чиј вкупен приход изнесува од 3.000.001 до 6.000.000 денари на годишно ниво им се дава можност сами да го изберат моделот на оданочување, односно да плаќаат данок на добивка по стапка од 10 % како што предвидува постојното законско решение или да се определат за плаќање на  данок на вкупен приход во висина од 1%, во зависност од тоа кој од наведените модели сметаат дека за нив  е поповолен.

Заради спречување на честите флуктуации на субјектите од еден во друг режим, како и нивно полесно следење од страна на Управата за јавни приходи, со Законот се предлага  оние трговски друштва кои ќе се определат за плаќање на данок на вкупен приход, вака избраниот модел да не можат да го менуваат во период од три години, вклучувајќи ја и годината за која се пресметува данокот.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Министерот за финансии во образложението на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, истакна дека со овој Закон е воведен персоналниот данок на доход и е уредeн начинот на оданочување на доходот на граѓаните. Персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

-  Во однос на Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, г. Рамизи истакна дека со предложените дополнувања на законот се предвидува забрзување на постапката за донесување на решенија за уписот во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност или решение за одбивање за уписот во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност, решение за бришење од регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност од страна на надлежниот даночен орган.

Исто така, со наведените дополнувања  ќе се создаде и механизам за подобра заштита на правата на граѓаните пред управните органи.

Одложената примена на предложените одредби се предвидува поради  објективни и технички причини, се со цел поефикасно и поажурирано работење на даночната администрација и нејзино адаптирање на обврските кои произлегуваат од законската измена.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека Предлогот на законот за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите, заменикот на министерот за финансии истакна дека со предложените дополнувања на законот се предвидува забрзување на постапката за донесување на Решение за издавање на акцизна дозвола и Решение за издавање на одобрението за акцизно повластено користење, со што ќе се спроведе механизам за подобра заштита на правата на подносителите на барањата  пред управните органи.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири гласа „против“ заклучи дека овој  Предлог-закон  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Со Предлогот на закон за дополнување на Законот за ревизија, пак, се уредува постапката во случај надлежниот орган да не издаде уверение за ревизор во пропишаниот рок.

Со предложеното дополнување ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста во постапките за решавање на барањата на странките, а граѓаните ќе можат на побрз и поефикасен начин да го остварат правото утврдено со овој закон, односно побрзо да се стекнат со уверение за ревизор.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири гласа „против“ заклучи дека Предлогот на законот за дополнување на Законот за ревизија е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност, со него се уредува постапката во случај на непостапување по барањата за одобренија, согласности, претходни согласности, дозволи и обновување на дозволи по однос на кои одлучува Комисијата за хартии од вредност.

Со предложеното дополнување ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста во постапките за решавање на барањата на странките, а граѓаните ќе можат на побрз и поефикасен начин да го остварат правото утврдено со овој закон.
Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, г. Недим Рамизи истакна со него се уредува постапката во случај на непостапување, односно ненавремено постапување пo барањето за издавање на дозвола или согласност за вршење на услуги брз трансфер на пари. За непостапување по барањата предвидена е можност за соодветна пријава до надлежниот јавен обвинител против гувернерот и надлежниот инспектор.

Со предложеното дополнување ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста во постапките за решавање на барањата на странките, а граѓаните ќе можат на побрз и поефикасен начин да го остварат  правото утврдено со овој закон, односно побрзо да се стекнат со дозвола или согласност за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во воведното образложение на Предлогот на закон за дополнување на Законот за девизното работење, заменикот на министерот за финансии истакна дека со него се уредува постапката во случај на непостапување по барањето за издавање на одобрение за издавање и воведување во странство на хартии од вредност издадени од издавачи од Република Македонија и документи за удел од резидентни инвестициски фондови и постапката во случај на непостапување по барање за воведување на странски должнички хартии од вредност во Република Македонија.

Со предложеното дополнување ќе се зголеми ефикасноста во работењето на Комисијата за хартии од вредност во постапките за решавање по барања за издавање на гореспоменатите одобренија.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири гласа „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

-  По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царинските мерки на заштита на правата од интелектуална сопственост, г. Рамизи истакна од причини што во одредбите од овој закон постојат недоречености во однос на постапувањето на царинскиот орган по поднесените барања за заштита на правата од интелектуална сопственост, се предлага и измена и дополнување на член 13 и 19 од овој закон, со што ќе се овозможи доследна примена на одредбите на овој дел од законот.

Комисијата со  седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- За Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, заменик-министерот за финансии истакна дека овој Закон го уредува оданочувањето на добивката на обврзниците - правни лица кои се основани или имаат седиште на територијата на Република Македонија (резиденти) за добивката која ја остваруваат во земјата и во странство, плаќањето на данокот по одбивка, односно задржување на данок на приходите кои што ги остваруваат странски правни лица, како и нерезиденти кои имаат своја постојана деловна единица за добивката што ја остваруваат на територијата на Република Македонија.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, г. Рамизи истакна дека со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се предлага да се пропише проширување на листата на добра и листата на услуги за кои ќе се применува повластена даночна стапка која изнесува 5%, односно повластена стапка да се применува при прометот и увозот на сурово масло кое се употребува за производство на храна за човечка исхрана и за услуги на сместување (ноќевање) или сместување со појадок, полупансион или полн пансион, во сите видови на комерцијални угостителски објекти.

Со намалувањето на даночната стапка на данокот на додадена вредност се намалува данокот кој се должи, а кој претставува дел од цената на сурово масло, при што ќе се намалат производствените трошоци на компаниите – производители на масло за јадење кои истото го употребуваат како суровина за производство на храна за човечка исхрана, при што се очекува истото да се рефлектира врз цената на маслото за јадење, односно да дојде до намалување на истата.

Примената на повластена стапка на данок на додадена вредност на услугите на сместување (ноќевање) или сместување со појадок, полупансион или полн пансион, во сите видови на комерцијални угостителски објекти ќе овозможи поголема достапност на истите за крајните консументи - туристите.

Предложената измена создава и предуслови за зголемување на сезонските и редовните  вработувања во  секторот  туризам.
Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Предложените измени и дополнувања на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот се во насока на намалување на трошоците на граѓаните при патување во странство и подобрување на бизнис климата во Република Македонија.

Согласно постојните законски решенија, висината на дополнителната премија за издавање на меѓународна зелена карта ја утврдува Националното биро за осигурување.

Се утврди дека во споредба со земјите од регионот, правните и физичките лица во Република Македонија плаќаат најголеми трошоци за осигурување од автоодговорност во земјата и надвор од неа што е резултат на  високата цена на зелената карта.
Друштвата за осигурување остваруваат позитивни финансиски резултати, па тоа овозможува да се направи корекција на цената на зелената карта без негативни ефекти врз нивното работење.

Истовремено, со предложените измени, надлежноста за определување на висината на дополнителната премија за зелена карта од Националното биро за осигурување, се пренесува на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 4 „воздржани“ заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click