Активности



Петок, 22 јули 2011 година

Западна Австралија е силен поддржувач на Македонија

Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, г. Антонио Милошоски, денеска оствари средба со г. Џон Хајд, пратеник на Парламентот од Западна Австралија.

На средбата присуствуваа и г. Милорад Додевски, пратеник од дијаспората во Собранието на Република Македонија и г. Зоран Костовски, почесен конзул на Австралија за Република Македонија.

Присутните разменија мислења и совети по прашањата за името, визите, македонската иселеничка заедница во Австралија, како и за македонско-австралиските односи.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Милошоски, изрази благодарност за посетата на г. Хајд на Република Македонија и воедно истакна дека зачестената парламентарна комуникација помеѓу Австралија и Македонија оди во прилог на една поголема политичка соработка.  

„Република Македонија има силен интерес за зголемување на политичката комуникација со пријателска Австралија. Таму имаме една значителна македонска заедница која во Австралија, и посебно во Перт и Западна Австралија, дава силен придонес во политичкиот, економскиот и културниот живот и развој на оваа држава. Сметаме дека приоритет треба да ни бидат односите во трговијата, политичката соработка и, секако, соработката на мултилатерално ниво“, истакна претседателот на Комисијата за надворешна политика.

Претседателот Милошоски смета дека парламентарната соработка треба да продолжи и оти за засилување на соработката секако ќе придонесе и изборот на пратеник од Австралија во Македонското собрание, г. Марјан Додевски.

Пратеникот Хајд истакна дека Западна Австралија е силен поддржувач на Република Македонија, велејќи „тука сме за да ги зајакнеме врските меѓу Западна Австралија и Македонија“. Во моментот Западна Австралија е еден од најсилните економски делови од Австралија.

„Работиме со цел да го унапредиме признавањето на Република Македонија под уставното име“, изјави пратеникот Џон Хајд.

На крајот од средбата, претседателот Милошоски му се заблагодари на пратеникот Хајд за неговите заложби во рамките на Западна Австралија и на неговата политичка партија да ги застапува и промовира македонските национални интереси.

Click