Соопштенија



Понеделник, 14 ноември 2011 година

Тринаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Тринаесеттата седница, одржана на 11 ноември 2011 година, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче банка и Сити банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка, по скратена постапка.

Воведно образложение по поднесениот закон даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески.

Тој ја потенцираше суштината и основните компоненти на предложениот закон за задолжување на Република Македонија со заем од Дојче банка и Сити банка, со што ќе се финансираат буџетските потреби за оваа и делумно за следната година.

Имено, Меѓународната банка за обнова и развој - Светска Банка понуди гаранција на земјава заснована на политики со кои се дава можност земјите кои се погодни да користат заеми за развојна политика да користат ваква гаранција од банката.

Инструментот ја дава можноста наместо да се земе заем за развојна политика од 35 милиони УСД, банката нуди да издаде гаранција во износ од 134.9 милиони УСД, односно 100 милиони евра, со цел делумно покривање на главницата на  заемот. Така, гаранцијата која ја дава Банката е до 100 милиони ЕВРА, а износот на заемот кој ќе се земе од избраните комерцијални банки е 130 милиони евра.

Со овој инструмент се добива значително подобрување на условите под кои се издава ова задолжување, односно намалување на каматите на странскиот комерцијален заем.

Заемот во износ од 130 милиони евра ќе ѝ биде доделен на Република Македонија под следните услови: рок на отплата 5 години - еднократна отплата. Главницата ќе биде отплатена на денот на достасување кој паѓа 5 години од денот на повлекување на средствата и фиксна каматна стапка која ќе се утврди два дена пред денот на повлекување на средствата од заемот, а ќе се пресмета како збир од петгодишен своп (за евро валута) плус маргина. Каматниот трошок ќе се отплаќа полугодишно. Дополнителен трошок е еднократна провизија која ќе треба да им се исплати на Дојче Банка и Сити Банка во износ од 1,30% од вредноста на заемот. Исто така, на Меѓународната банка за обнова и развој-Светска Банка ќе ѝ се исплати еднократна провизија од 0,25% од износот на дадената гаранција и провизија од 0,5% годишно од износот на гаранцијата, пресметана по дисконтирана вредност за времетраење на гаранцијата. Рокот за повлекување на средствата е 30 дена од денот на потпишување на Договорот за заем.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Стојко Пауновски, г. Миле Андонов, г. Јани Макрадули, г-ѓа Владанка Авировиќ, г-ѓа Весна Бендевска и г. Самка Ибраимоски.  

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата  со 7 гласа „за“ и 4 „ против“ заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието да го разгледа и да го донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче банка и Сити банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка.

Click