Соопштенија



Петок, 11 ноември 2011 година

Петта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Петта седница, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлог-буџетот на Република Македонија за 2012 година и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за водостопанствата (прво читање) како матично работно тело.

На седницата по Предлог-буџетот на Република Македонија за 2012 година, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; г. Драганчо Стојчев, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; г. Тоше Пановски и г-ѓа Елена Трпковска, претставници од Министерството за финансии.

Госпоѓата Елена Димовска го образложи Предлог-буџетот за 2012 година и посочи дека во однос на земјоделскиот сектор вкупниот буџет е димензиониран на 9,9 милијарди денари, што претставува пораст од 13,8 % во однос на 2011 година.

Порастот се должи на зголемените инвестиции во делот на водостопанството, поддршката на индивидуалните земјоделци преку субвенции и заштита на животните преку Агенцијата за ветерина.

Претставникот ги издвои започнатите хидросистеми кои ќе продолжат да се финансираат: Злетовица, Лисиче и Јужновардарската долина и дека е проектирана изградба на хидросистеми во областа на Полошкиот регион, Коњско и Маркова Река.          

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Димовски,  во своето излагање особено се фокусираше на одделот 14001 и укажа дека во Предлог-буџетот, покрај класичните ставки, се предвидени средства за изработка на ISO 9000 стандардот и за ИСАК - единствен систем за обработување на податоци и за идентификација на земјишните парцели во насока на поголема контрола на користењето на субвенциите.

Министерот Димовски укажа дека годинава извозот на земјоделски производи е зголемен на речиси 500 милиони евра.

Тој се согласи дека треба да се зголемат субвенциите во некои култури, посебно во оризот и сончогледот и дека тоа веќе е тренд од минатата година.

Во дискусијата по Предлог-буџетот учествуваа пратениците: г-ѓа Ленче Николовска, г. Панче Орцев, г. Борче Ставров, г. Саве Марачков и г. Изет Зеќири.

По завршување на расправата, Комисијата не предложи ниту усвои амандмани и Предлог-буџетот го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за водостопанствата, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Димовски, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г-ѓа Ленче Николовска, г. Борче Ставров, г. Реџаиљ Исмаили и г. Панче Орцев.

На крајот, Комисијата со 6 гласа „за“ и 4 „против“ го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за водостопанствата (прво читање) од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click