Соопштенија

Петок, 11 ноември 2011 година

Шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Шестата седница, одржана на 10 ноември 2011 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.

Образложение на Предлог-буџетот даде претставникот на предлагачот, г-ѓа Вера Проковиќ, раководител на сектор во Министерството за финансии.

Беше истакнато дека врз основа на остварените позитивни економски резултати, коишто беа евидентни во првиот квартал на 2011 година, кога стапката на БДП оствари пораст од 5,1% и во вториот квартал со пораст од 5,3%, очекувањата се дека следната година БДП ќе порасне за 4,5%. Овој пораст ќе произлезе како резултат од зголемениот обем на инвестиции, при што се очекува бруто инвестициите да остварат пораст од 8,5%.

Фискалната политика за следната година генерално ќе биде во насока на зачувување на макроекономската стабилност и поддршка на македонската економија, и тоа преку зголемен обем на квалитетни капитални инвестиции.

Вкупните приходи на консолидираниот Буџет за 2012 година се планираат на ниво од 156,7 милијарди денари, кои ќе бидат наменети за финансирање на расходите во износ од 169,2 милијарди денари.

Расходите за исплата на плати се планирани на исто ниво споредено со оваа година. Почнувајќи од месец декември 2012 година ќе започне реализацијата на етапно зголемување на платите, согласно програмата на Владата, со фискален ефект од 2013 година.

Во рамките на социјалните трансфери, предвидени се средства за редовна и навремена исплата на пензии и надоместоци на невработени, здравствени услуги и социјални надоместоци.

Во делот за субвенции и трансфери, вклучен е зголемен износ на средства, посебно субвенции во земјоделието и тоа за 15 милиони евра, односно во вкупен износ од 130 милиони евра. Во рамките на субвенциите, планирани се средства за реализација на новиот проект „Купи куќа, купи стан".

Предвидени се многу значајни вложувања во патната и железничката инфраструктура во износ од 7,5 милијарди денари и истите се повисоки за 42% во однос на 2011 година.

Во однос на вложувањата во енергетската област и комуналната инфраструктура, беше истакнато дека предвидени се капитални инвестиции во износ од 2 милијарди денари, во коишто рамки е предвидено започнување на гасоводниот систем, изградба на водоводни и канализациони системи.

За унапредување на технолошко развојните индустриски зони, предвидени се средства во зголемен износ од 518 милиони денари.

Во областа на здравствениот сектор, планирани се инвестиции во износ од 2,5 милијарди денари.

Во областа на образованието и детската заштита, предвидени се 2,4 милијарди денари, наменети за реконструкција на основни и средни училишта, инвестиции во спортската инфраструктура, како и други проекти.

Со цел зајакнување на земјоделскиот сектор, планиран е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари, наменети за изградба на хидросистеми, како и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделското стопанство.

Средствата за финансирање на проектираниот дефицит, планиран во износ од 2,5% и отплатата на долговите кон странство, ќе бидат обезбедени од странски извори, како што се поволни кредити од меѓународни финансиски институции, кредитни линии наменети за финансирање на конкретни проекти, како и од домашни извори, односно од државни хартии од вредност.

Воедно, образложение на Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, за разделот 10001 на Министерството за економија, даде министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

Тој истакна дека со Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2012 година, за Министерството за економија предвидени се средства во износ од 1.067 милијарди денари, што е за 181.59 милиони денари повеќе во однос на 2011 година.

Зголемувањето е во делот на капиталните расходи, и тоа за 53,76%. За стоки и услуги предвидени се помалку средства за 33,62%. За субвенции и трансфери предвидени се повеќе средства за 25 %, за каматни плаќања предвидени се повеќе средства во однос на 2011 година за 14,95% и за отплата на главница предвидени се помалку средства за 3,2%.

Предвидени се средства во вкупен износ од 563.4 милиони денари или 52,8% за програмските активности коишто влегуваат во рамките на Министерството за економија и тоа за Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони,  Агенцијата за енергетика, Институтите за стандардизација, Институтот за акредитација и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

Исто така, предвидени се и средства во вкупен износ од 503,7 милиони  денари, за активностите во делот на Индустриската политика, Развојот на енергетиката, Контрола на пазарот, Економската промоција, Развојот на туризмот, Искористувањето на природните ресурси, Внатрешниот пазар и Поддршка на развојот на малите и средни претпријатија.

Во рамките на програмските активности во 2012 година во делот на енергетиката, предвидено е создавање на средина за воведување на енергетска ефикасност во згради во Република Македонија, реализација на активностите во врска со хидроенергетските потенцијали на реката Вардар, консултантски услуги за изработка на студија за развој и дистрибуција на природен гас, субвенции за купување на соларни и термални колекторски системи и слично.

Во делот на програмата за искористување на природните ресурси, беше истакнато дека продолжуваат започнатите активности во делот на основните геолошки истражувања за изнаоѓање на геотермална енергија, во делот на деталните истражувања на енергетски минерални суровини и развој на софтвер за контрола на коповите.

Во областа на туризмот, предвидено е продолжување со реализација на разни проекти, како што е проектот Македонски село, отпочнување со изработка и воведување на туристичка сателитска сметка во соработка со Државниот завод за статистика, изработка на ВЕБ-портал за рурален туризам и вмрежување на етно села, имплементација за развој на шарпланинскиот регион, како и разни проекти за поттикнување на алтернативни видови на туризам.

Исто така, предвидено е да продолжи активноста за поддршка на тур-операторите од неколку странски земји, како и субвенционирање на разни туристички манифестации и форуми во оваа многу битна и значајна област.

Во делот на индустриската политика, беше истакнато дека продолжуваат активностите во делот на надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за зајакнување на капацитетите и создавање на конкурентни производи.

Исто така, продолжуваат активностите за јакнење на капацитетите на институциите вклучени во процесот на организирање на разни семинари и обуки и слично.

Во делот на инвестициите и општествената одговорност, предвидени се активности коишто произлегуваат од ЦИП проектот.

Во рамките на администрацијата, беше истакнато дека продолжуваат активностите околу усогласувањето со законодавството на Европската унија.

Во делот на поддршката на развојот на малите и средни претпријатија, продолжуваат активностите за кофинансирање на проекти за поддршка и промоција на занаетчиството, надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти и сертификација на системи за квалитет спрема ИСО стандардите.

Исто така, предвидено е и надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за системот за квалитет ХАСАП.

За 2012 година предвидено е продолжување со градежните активности на инфраструктурните објекти во Технолошко-индустриските развојни зони Скопје 2, Тетово и Штип, како и продолжување со градежни активности на инфраструктурните објекти надвор од границата на истите. Исто така предвидено е да се почне со изградба на инфраструктурни објекти во границите на зоните Технолошко-индустриските развојни зони во Прилеп, Гевгелија, Радовиш, Кичево, Струмица, Струга и Ранковце, како и изработка на нивна документација.

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања г. Љубисав Иванов Ѕинго; членовите: г. Николче Ацевски, г. Стојко Пауновски, г. Газменд Алији и г. Марјанчо Николов; заменик-членот г. Изет Зеќири и министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија и извештајот од седницата да го достави до Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело.

На Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, Комисијата за економски прашања не поднесе амандмани.
Click