Соопштенија



Вторник, 29 ноември 2011 година

Стопанската соработка – приоритет во односите меѓу Македонија и Аргентина

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите оствари средба со Н.Е. Гиљермо Салвадор Асрак, вонреден и ополномоштен амбасадор на Аргентинската Република во Република Македонија, со седиште во Софија.

Средбата е во пресрет на утрешниот промотивен ден на Аргентина, во рамките на кој ќе се одржи семинар во Стопанската комора на Македонија, со цел приближување на аргентинското стопанство и неговите економски потенцијали до бизнис-заедницата од нашата земја. Ќе биде одржана презентација на аргентинското стопанство, условите за водење бизнис, водечките индустриски сектори и приоритетите на националната економија.

Н.Е. Гиљермо Салвадор Асрак информира дека на семинарот ќе бидат претставени економските и трговските можности на двете земји, а ќе присуствуваат македонски бизнисмени кои веќе оствариле соработка во Аргентина.

Во овој контекст, беше упатен апел до аргентинскиот амбасадор да ги посети и помалите места во Македонија за да се разгледаат можностите за инвестирање и во тие делови.

Исто така, се даде и предлог за заеднички проект во предучилишните установи, со цел да се зголеми познавањето меѓу двете земји уште од најрана возраст. На тој начин, покрај во делот на економијата, би се зајакнала и соработката во областа на културата и образованието, што беше прифатено со задоволство од аргентинскиот амбасадор, кој потенцираше дека е отворен за соработка и сите идеи можат да бидат разгледани.

Претседателот на Пратеничката група, г. Васко Пашовски, и членовите: г-ѓа Сузана Анова, г-ѓа Цветанка Иванова и г-ѓа Соња Мираковска, изразија благодарност за посетата на Н.Е. Гиљермо Салвадор Асрак, за досегашната соработка и употребата на уставното име на Република Македонија од страна на Аргентина.

Аргентинскиот амбасадор изрази задоволство од формирањето на Пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите во Македонското собрание. Тој информира дека веќе се прави иницијатива некаде во март месец да биде формирана таква група и во Аргентина, која ќе вклучува соработка со Република Македонија, што ќе претставува одлична можност за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

 

 

 

Click