Собраниско раководство



Среда, 12 октомври 2011 година, Будимпешта

Обраќањето на претседателот Вељаноски на тема „Безбедносните димензии на соработката на Западен Балкан“

Почитуван претседавач,
дами и господа,
екселенции,

Република Македонија е активен поддржувач на регионалните иницијативи и процеси и преку нив конкретно ја манифестира својата политичка заложба за цврста регионална соработка и поддршка на земјите во Регионот. Ние сме убедени дека со основните постулати на нашата надворешна политика, разрешувањето на отворените прашања по пат на дијалог и подготвеност за соработка со соседите придонесуваме за стабилноста на регионот, Европскиот континент и светот во целина.

Предизвиците со кои се соочува светот: меѓународниот тероризам, организираниот криминал, шверцот со луѓе, со дрога и така натаму, се предизвици кои нè засегаат сите, мали и големи, богати и помалку богати. Затоа, секоја држава и одговорна влада, мора да го даде својот максимум за надминување на овие глобални негативни појави. Токму затоа, евроатлантските интеграции се битни за секоја држава, но и за НАТО, Европската унија и за стабилноста воопшто.

Република Македонија од своето осамостојување, како државен приоритет го определува членството во НАТО и Европската унија. Нашиот пат кон НАТО формално започнува во декември 1993 година, кога токму во Собранието е донесена Резолуција за пристапување во НАТО-алијансата. На тој свој пат, Република Македонија од држава на безбедносен консумент се трансформира во држава контрибутор на безбедноста, како во регионот, така и пошироко. Од своја страна, во континуитет  истражувањата на јавното мислење покажуваат дека огромен процент од граѓаните, преку 85 проценти, го поддржуваат нашето членство во НАТО. Ова јасно покажува дека во Република Македонија сите политички субјекти, како и цивилното општество, иднината на државата, како и на целиот регион ја гледаат во евроатлантските интеграции.

Преку конструктивниот придонес во регионалната соработка, Република Македонија во досегашниот период демонстрираше демократски капацитети и принципиелност. Иницијативата за соработка во рамките на САД – Јадранската Повелба, и нејзиното неодамнешно проширување за време на нашето претседавање со групата со двете нови земји, Босна и Херцеговина и Црна Гора, ја потврдуваме со активното и конструктивно учество и придонес низ заедничките активности. Со зачленувањето на Албанија и Хрватска во НАТО, горди сме што нашиот сопствен придонес и влог вроди со плод, што го сметаме за наш заеднички успех.

За жал, на Самитот во Букурешт, Република Македонија не доби покана за членство. Причините за ова сите добро ги знаете, апсурдниот и наметнат спор од страна на Република Грција во однос на нашето уставно име. И покрај тоа што во Букурешт не добивме покана, Република Македонија и понатаму игра крајно конструктивна улога на сите полиња - од активното учество во процесот на преговорите кои се водат под покровителство на Обединетите нации за изнаоѓање на компромисно решение за наметнатиот спор, па се до интензивното развивање на соработката со НАТО.

Континуираното учество на Република Македонија во меѓународните мисии и операции предводени од НАТО, ја истакнува определбата на земјата за активна контрибуција како рамноправен партнер на Алијансата, подготвен да ги сподели заедничките одговорности и заедничките вредности со Алијансата и меѓународната заедница, во спроведување на мирот и безбедноста. Во таа насока Република Македонија продолжува со своето учество во ИСАФ мисијата на НАТО во Авганистан; во мисијата на ЕУ „АЛТЕА" во БиХ; во мисијата на ООН „УНИФИЛ" во Либан, како и со давање логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово.

За реализација на сите овие активности Македонија останува на определбата за стабилно финансирање на одбраната и посебно на обука и опрема на силите на армијата, согласно предвидените можности и НАТО стандарди во услови на светска економска криза која директно е рефлектирана и врз нашата економија. Моментално за потребите на одбраната се издвојуваат околу 1,30% од БДП, со план за континуиран пораст до 2% од БДП до 2020 година.

Почитувани колеги,
Дами и господа,

Република Македонија учествува во Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ врз основа на својата политичка определба да ги сподели целите и приоритетите на оваа значајна заедничка политика пред членството во Унијата, сакајќи да придонесе и во промоцијата на мирот и стабилноста на глобален план и во изградбата на мирот и пост-конфликтна стабилизација во кризните региони. Во оваа смисла, Република Македонија го продолжи своето учество во операцијата ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина, како и нашето учество во Борбената Група II/2012.

Во однос на нашето учество во операции на ЕУ за управување со кризи, Советот за надворешни односи на ЕУ донесе одлука за отпочнување преговори со Република Македонија за склучување рамковна спогодба, која ќе го регулира идното учество на Македонија во кризни операции. Преговорите се во напредна фаза и се очекува потпишување на спогодбата до крајот на годинава. 

Во рамките на соработката во Заедничката надворешна и безбедносна политика, Македонија продолжува со придружувањето кон заедничките декларации, изјави и позиции на ЕУ. Првата половина од оваа година беше многу интензивна во контекст на придружувањето кон одлуки на Советот на ЕУ за спроведување рестриктивни мерки кон трети земји во поглед на последните случувања во Северна Африка и Блискиот исток.

Република Македонија,  поаѓајќи од определбите за давање придонес во градењето на односи на добрососедство, безбедност, стабилност и соработка, и натаму активно партиципира во постојните иницијативи за регионална соработка и истовремено ја интензивира својата улога во рамките на зајакнатата активност на целиот регион на ЈИЕ за негово целосно европско и евроатлантско интегрирање. На средбите кои се одржуваат во рамките на регионалните иницијативи, РМ со конкретни предлози се залага за имплементација на поставените приоритети во рамките на иницијативите. Нашиот придонес во процесот на дефинирањето на новиот концепт на регионалната соработка може да се оцени како значаен. Новата фаза на регионалната соработка подразбира поактивна улога и поголема одговорност на самиот регион, како и на секоја земја поединечно, особено во функционално поврзаните иницијативи, како што се МАРРИ Центарот и РАЦВИАЦ.

Посветеноста и активниот пристап Република Македонија ја демонстрира, меѓу другото, и преку активно учество во US-Adriatic Charter, South-East Defense Ministerial. Република Македонија, како иницијатор на САД-Јадранската повелба континуирано учествува во активностите на групата, имајќи во вид дека тие ги зајакнуваат регионалната стабилност и капацитетот за евроатлантско интегрирање на земјите-членки. Со заедничко учеството во ИСАФ на земјите од регионот, придонесува кон зајакнување на меѓународниот мир и регионалната соработка. Ги промовира вредностите и принципите на НАТО, но и капацитетот и интероперабилноста на нашата Армија и војници. Во таа насока нуди и сопствени тренинг капацитети за подготовка на безбедносните сили на партнерите. Го поддржува вклучувањето за натамошно проширување на Јадранската група со останатите земји од Регионот и позасилено вклучување на невладиниот сектор во активностите.
Кон средината на 2012 Република Македонија ќе го започне претседавањето со Процесот за соработка во ЈИЕ, со што ќе ги координира активностите насочени кон зајакнување на регионалната соработка во духот на Повелбата усвоена од земјите членки на оваа широка иницијатива во регионот.

Македонскиот парламент во изминативе неколку години направи значајни реформи со кои се подигна вкупниот парламентарен капацитет. Овие наши напори, кои се тимски и заеднички, во континуитет се оценуваат позитивно. Тоа беше констатирано во последните два извештаи на ЕУ, а тоа сигурно ќе биде оценка и во овогодишниот, кој денес, можеби токму во овој момент, во Брисел се презентира. 

Другата димензија која сакам да ја истакнам е нашата меѓународна активност односно парламентарната дипломатија, како значајна алатка која може да ни помогне да постигнеме одржливост и унапредување на нашата меѓусебна соработка. На билатерален план имаме високоразвиени односи со сите држави во регионот, освен со нашиот јужен сосед, но се надевам и тоа ќе се надмине. Од добрата билатерална соработка имаме двоен бенефит: натамошно ги продлабочуваме вкупните билатерални односи и заеднички работиме на евроатлантска определба и иднина.

Почитувани колеги,

Цврсто веруваме дека сите ние, земјите од Балканот, имаме капацитет да изградиме нов Балкан, ослободен од остатоците на минатото. Имаме иста цел, исти интереси, заедничка иднина. Потребни се натамошни напори постигнатиот прогрес да стане сигурен и неповратен. Нашата политика мора да биде проактивна со што побрзо интегрирање на регионот во евроатлантските структури. Верувам дека оваа наша петта конференција дава свој придонес за унапредување на нашата соработка кон остварувањето на нашата заедничка визија – обединета и безбедна Европа.

Благодарам на вниманието.

Click