Активности

Петок, 14 декември 2012 година

Јавна расправа за подобра грижа и третман на лицата што живеат со ХИВ - ЛЖХИВ во Македонијa

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија и Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А., Работната група на лица што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ и Националниот демократски институт, одржaа јавна расправа на тема: „Како до подобра грижа и третман за лицата што живеат со ХИВ - ЛЖХИВ во Република Македонијa”.

Покрај членовите и заменик-членови на Комисиите, на јавната расправа  присуствуваа членовите на Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ во Република Македонија, претставник на Министерството за здравство,  претставници на Националниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза, Националната комисија за ХИВ/СИДА на Република Македонија, УНДП, СЗО, УНИЦЕФ, како и претставници на здруженија на граѓани чие поле на работа се програмите и политиките за ХИВ.

На расправата со поздравни обраќања се обратија: г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, г. Менде Диневски, претседател на Комисијата за здравство и г-ѓа Тања Томиќ, потпретседател на Комисијата за здравство и претседавач на Меѓупартиската парламентарната група за ХИВ во Република Македонија.

Потоа следеше излагање на г. Андреј Сених од Работната група на лица што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, на тема: Како да се обезбеди континуирана терапија за ХИВ во Република Македонија.

За обезбедување на квалитетна грижа, поддршка и третман на ЛЖХИВ во Република Македонија – предизвици,  говореше  проф. д-р Звонко Миленковиќ, национален координатор за ХИВ во Република Македонија.

Госпоѓа Нермина Факовиќ, претставник на  Секторот за превентивна програма на Министерството за здравство, имаше излагање за можностите и предизвиците за обезбедување на терапија за ХИВ преку механизмите на Програмата за заштита на населението од ХИВ и СИДА, додека г. Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ зборуваше на тема: Пристап до антиретровирусна терапија – напредок и предвизици со опфат на ЛЖХИВ.

По исцрпна дискусија за состојбите и проблемите на граѓаните со ХИВ-инфекција во која учествуваа членовите на Комисиите, пратениците, претставниците на институциите, меѓународните организации и невладиниот сектор, беше предложено спроведување на следниве заклучоци:

1. Се поздравуваат досегашните напори на институциите и стручните лица во Република Македонија за одржување на релативно ниското ниво на преваленца на ХИВ-инфекцијата;

2. Ја поттикнуваме Владата на Република Македонија да ги спроведе заклучоците со кои се обврза Министерството за здравство, Бирото за лекови, Фондот за здравствено осигурување, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и Националниот координатор за ХИВ, да се координираат со цел да се обезбеди регистрација на лековите во Република Македонија, можно проширување на позитивната листа и обезбедување на најниска можна цена при нивната набавка;

3. Предлагаме Министерството за здравство да назначи тим за поддршка на Националниот координатор во кој ќе има претставник од Бирото за лекови, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, како и претставник на пациентите со ХИВ, кој ќе учествува во постојаното следење на состојбата со терапијата за ХИВ, ќе сугерира насоки за преговори со фармацевтските компании и ќе помогне за надминување на постоечките административни пречки при нејзиното обезбедување;

4. Предлагаме Министерството за здравство, во рамките на своите можности, да се вклучи во постапката за набавка на антиретровирусни лекови додека терапијата се планира, буџетира и набавува во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА, со цел да се избегнат долги административни процедури при трансферот на средствата од Програмата до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби;

5. Предлагаме Министерството за здравство да ги обезбеди потребните средства за набавка на антиретровирусни лекови и тестови за следење на инфекцијата, според реалните трошоци;

6. Предлагаме Комисиите за утврдување на Листата на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување, односно Комисијата за антиинфективни лекови да ги разгледа можностите и да донесе решение за вклучување на сите неопходни лекови на позитивната листа;

7. Сугерираме Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје да изготви и усвои официјален и сеопфатен протокол за третман на ХИВ-инфекцијата, според медицината базирана на докази, препораките на СЗО и на Европското клиничко здружение за СИДА, вклучувајќи и доволно тераписки опции за втора и трета линија на терапија, во различни формулации;

8. Очекуваме сите надлежни институции и НВО-и што работат на ова поле да ги продолжат и интензивираат активностите за превенција и рано откривање на ХИВ/СИДА, како и за отстранување на предрасудите и стигмата што ги следи;

9. Се обврзуваме да одржиме слична расправа по шест месеци, за да го утврдиме напредокот во оваа област.
Click