Активности

Понеделник, 19 ноември 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА ПО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АЗИЛ И ПРИВРЕМЕНА ЗАШТИТА

Националниот совет за евроинтеграции денеска одржа јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, чие донесување е предвидено со Националната програма за усвојување на правото на Европската унија-ревизија 2012 година.

Организирањето на јавната расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита е согласно Анексот 2 на Мислењето за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година, што Националниот совет за евроинтеграции со консензус го усвои на седницата одржана на 8 февруари 2012 година.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита го образложи г. Џељаљ Бајрами, заменик-министер за внатрешни работи.

Во образложението, г. Бајрами истакна дека стратешката определба на Република Македонија за постигнување на полноправно членство во Европската унија во себе ја имплицира потребата од континуирана хармонизација на националното законодавство со меѓународните стандарди и правила и европското acquis.

Во членовите 68 и 75 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија, се определува дека Република Македонија треба да го усогласи националното законодавство од областа на азилот и миграцијата со европското acquis. Од таа причина се наметна потребата од донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, со кој се врши целосно усогласување со Директивата на Советот 2003/9/ЕК за утврдување минимум стандарди за прифаќање баратели на азил, Директивата на Советот 2004/83/EК за минималните стандарди за квалификувањето и статусот на државјаните на трети земји или лица без државјанство, како бегалци или лица на кои им е потребен поинаков облик на меѓународна заштита, како и усогласување со Директивата на Советот 2005/85/ЕК за минимум стандардите за постапките во земјите членки за доделување и одземање на статус на бегалец.

Со Предлог-Законот се уредуваат условите врз основа на кои Република Македонија може да даде привремена заштита, како и правата и обврските на лица под привремена заштита.

Господин Џељаљ Бајрами информираше дека Предлог-законот е изготвен на транспарентен начин, истиот е резултат на анализата и работата на меѓусекторска работна група составена од претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за образование и наука и претставници на Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.

Предлог-законот бил доставен до Канцеларијата на УНХЦР во Женева и  Европската комисија во Брисел, со што се дала една меѓународна димензија во процесот на евроатлантските интеграции на Република Македонија.

Предлог-законот содржи решенија за дефинирањето на барателот на право на азил и барање за признавање на правото на азил. Со предложениот закон се прецизираат причините во кои случаи лицето не ќе може да го ужива правото на азил и се утврдуваат норми дека еден странец не ќе може да ужива право на азил ако поттикнува, охрабрува или учествува во вршење на кривични дела. Со законска одредба се утврдуваат документите за идентификација на барателот на азил, односно лична карта на признатиот бегалец, односно лицето под субсидијарна заштита, за да се потврди правото на престој.

Со предлог- законот се прошируваат правата на барателите на азил со стекнување на право на бесплатна правна помош и право на образование. Се воведува обврска на Министерството за труд и социјална политика, во усна или писмена форма, на јазик разбирлив за барателите на азил, да ги информира за правата од овој закон.

Со законски одредби се уредуваат обврските на барателите на азил за тоа кои лични податоци се содржани во Интегираната база за странци, вклучувајќи податоци за азил, миграции и визи, како и рокот на нивно чување.

Од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци позитивно било оценето нормирањето на законските одредби кои се однесуваат на уредувањето и чувањето на податоците во Интегрираната база на податоци.

На јавната расправа, со свои мислења, предлози, забелешки и коментари учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Советот; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Самка Ибраимовски, пратеник и член на Комисијата за труд и социјална политика; г. Бојан Маричиќ, претставник од Македонскиот центар за европско образование; г. Жарко Хаџи-Зафиров од Институтot за човекови права и г-ѓа Малинка Ристовска-Јорданова, директор на Институтот за европска политика.


 Покана                     Предлог-закон                     Извештај                     Заклуоци

Click