Собраниско раководство



Среда, 7 март 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со новиот шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, г. Аиво Орав

Посакувајќи му добредојде на новиот амбасадор на Европската унија во Република Македонија, г. Аиво Орав, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, ја потенцираше личната подготвеност и подготвеноста на пратениците на Собранието на Република Македонија да дадат поддршка на секоја иницијатива во насока на ефикасна и плодна соработка.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од досегашната успешна соработка со претходните шефови на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, која три години последователно резултира со позитивен Извештај за напредок на Република Македонија, особено во делот кој се однесува на Собранието на Република Македонија и искажа подготвеност за понатамошна заложба за одржување на континуитетот на позитивната оценка во периодот кој следи.

Тој истакна дека како прв парламентарец е должен да се грижи за оваа институција и преку нејзиното ефикасно функционирање да придонесе со позитивен импулс во однос на напредокот на државата. Со оглед дека Република Македонија е дел од Балканот, како поднебје на многу различни случувања, предизвик е справувањето со истите во насока на остварување на зацртаните цели.

На нашата држава местото и е во Европа, не само територијално, но и формално. Одговорност на политичарите е колку ќе придонесат и за колкав временски период, таа формалност Република Македонија да ја направи дел од европското семејство.

Треба да се има предвид и да се почитува фактот што сите граѓани на Република Македонија, без оглед на национална, верска или партиска припадност, и по 6 години кандидатски статус даваат своја поддршка во однос на прашањето за членство на Република Македонија во Европската унија. На реформите, пред сè, гледаме не како исполнување на услов за влез во европското семејство, туку како можност за подобрување на севкупното живеење на граѓаните - потенцираше претседателот Вељаноски.

Тој воедно укажа на ефикасната соработка со потпретседателите на Собранието на Република Македонија, како и со координаторите на пратеничките групи што секако придонесува кон позитивен впечаток и оценка за работата на законодавниот дом.

Амбасадорот Орав посочи дека Република Македонија ја чувствува позната и блиска, имајќи го предвид претходниот седумгодишен анганжман како нерезидентен амбасадор на Република Естонија во Република Македонија, што воедно е и предност во однос на сега добиениот мандат како шеф на Делегацијата на ЕУ токму во Република Македонија. Тој искажа уверување дека ќе ја продолжи позитивната работа на неговите претходници во застапувањето на Европската унија, на сите земји кои се дел од неа, но и на сите земји кои сакаат да станат нејзини членки.

Тој, воедно, истакна дека Делегацијата на ЕУ во Република Македонија ќе биде на потребно ниво на подготвеност во случај да отпочнат преговорите, дека Извештајот за напредокот е многу значаен документ, за чија позитивност е потребна заложба на двете страни, како и неопходноста и значењето на опстојување на високиот процент на поддршката од јавноста во однос на евроинтегративниот процес.

Како особено значајни прашања, амбасадорот Орав ги спомена работењето на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, имплеметацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на изборниот процес, како и отпочнувањето на висок претпристапен дијалог, значаен за двете страни.

Претседателот Вељаноски искажа подготвеност за севкупна заложба во однос на унапредување на парламентарната дипломатија, на која смета дека треба да ѝ се даде поширока димензија, од причина што токму таа дава можност за отворање, но и затворање на многу прашања, кои на друг начин не можат да бидат решени.  

Click