Собраниско раководство



Среда, 25 јули 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-мун

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изразувајќи задоволство за средбата, посебно ја истакна улогата на ОН, како и на генералниот секретар, г. Бан Ки-мун, во решавањето на многу светски прашања, а особено зачувувањето на светскиот мир. Во продолжение, тој накратко го престави работењето на Собранието, неговиот состав и активности.

„Наша основна цел е покрај донесувањето на закони, да ги јакнеме сите механизми на парламентарната демократија, а морам да истакнам дека последователно во последните три годишни извештаи на Европската комисија, Собранието на Република Македонија добива позитивни оценки“, истакна претседателот Вељаноски.

Зборувајќи за парламентарната соработка, како во регионот, така и пошироко, претседателот Вељаноски истакна дека таа е високо развиена со сите држави во регионот, освен со нашиот јужен сосед, од познати причини. Претседателот Вељаноски истакна дека по неодамнешните избори во Грција тој испратил честитка до неговиот грчки колега честитајќи му на изборот и во исто време поканувајќи го на средба, со што и двата парламенти ќе дадат свој придонес во создавање на поголема атмосфера на доверба во која полесно ќе можат да се водат преговорите за отвореното прашање.

Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, изразувајќи големо задоволство од средбата, како и честа да се обрати пред Собранието, како многу конструктивен чекор го оцени предлогот на претседателот Вељаноски за средба со неговиот грчки колега.

„Токму затоа со мене е и посебниот пратеник, господинот Нимиц, кој секако овие позитивни сигнали ќе ги пренесе во Атина“, истакна г. Бан Ки-мун.

На средбата, генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, исто така, го истакна и придонесот на Република Македонија во севкупниот систем на Обединетите нации.

„Треба да бидете горди дека денеска сте држава која на почетокот беше консумент на помош, а сега со вашето учество во мировните мисии, вие давате помош“, истакна г. Бан Ки-мун. 

Click