Собраниско раководство



Вторник, 10 јули 2012 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО Г. MИХАЕЛ ШПИНДЕЛЕГЕР И Г. МИРОСЛАВ ЛАЈЧЕК

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со вицеканцеларот и министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, г. Михаел Шпинделегер и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Словачката Република, г. Мирослав Лајчек.

На средбата, претседателот Вељаноски истакна дека односите на Република Македонија со Република Австрија и Словачката Република се карактеризираат со пријателство и разбирање и го потврди фактот дека поддршката што ја добива од овие две држави е искрена и значајна.

Во однос на Собранието на Република Македонија, претседателот Вељаноски истакна дека е фокусирано на повеќе прашања, но најзначајни се процесот на евроатланска интеграција, како и доследна имплементација на донесените закони и реформи.

Претседателот Вељаноски истакна дека три години по ред Република Македонија добива препорака од Европската комисија за започнување на преговорите со Европската унија, но на сето ова следи блокада од нашиот јужен сосед. Сепак, Република Македонија нема да се откаже од своите стратешки определби, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО.

Изразувајќи благодарност и задоволство за посетата на Република Македонија, г. Мирослав Лајчек истакна дека сака да испрати позитивна порака во однос на постигнатите реформи и дека Република Македонија треба да ја добие поддршката од сите членки на Европската унија.

Надоврзувајќи се на ова, г. Михаел Шпинделегер истакна дека дава поддршка за што поскорешно решавање на билатералниот спор за името меѓу двете земји со што ќе се отвори патот за влегување на Република Македонија во европското семејство.

 

Click