Собраниско раководство



Четврток, 14 јуни 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со г. Ванг Донгџоу 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со претседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на градот Ченгду, провинција Сичуан, г. Ванг Донгџоу.

Во составот на кинеската делегација, што ја предводеше г. Донгџоу, беа: заменик-началникот на Канцеларијата за надворешни работи на градот Ченгду, г. Лу Шенг; заменик-началникот на Советот за промоција на меѓународната трговија на градот Ченгду, г-ѓа Лиу Шухуа; заменик-секретарот на Општинскиот комитет на ККП и градоначалник на општината Венџиан, г. Сие Чао; претседателот на Управниот одбор на Компанијата за култура и туризам, г. Ин Џианхуа и претседателот на Управниот одбор на инвестициска коорпорација, г. Тан Џианминг.

На средбата, исто така, присуствуваше г-ѓа Силвана Бонева, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, на чија покана е дојдена кинеската делегација за соработка на двата парламента.

На почетокот на средбата и двете страни ги истакнаа високо развиените односи меѓу двете држави, кои бележат постојан напредок на политички и економски план.

Претседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на градот Ченгду,  г. Ванг Донгџоу, се заблагодари за овозможената средба и го запозна претседателот Вељаноски со економските можности на провинцијата Сичуан и градот Ченгду. Тој истакна дека провинцијата Сичуан е една од најголемите производители на земјоделски производи во Кина, додека, пак, благодарение на големиот економски раст во Народна Република Кина, градот Ченгду е еден од најбрзо растечките.

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија континуирано презема активности за подобрување на бизнис климата во земјата и привлекување директни странски инвестиции, при што Кина се гледа како една од целните земји од кои се очекуваат инвеститори. Во тој контекст беше истакнато дека соработката може да се интензивира преку поголемо вклучување на кинески компании во проекти од заеднички интерес.

Click