Собраниско раководство



Четврток, 1 март 2012 година, Канбера, Австралија

Претседателот Вељаноски оствари средби со Комисијата за надворешни работи и трговија на Парламентот на Австралија, заменик-лидерот на опозицијата, г-ѓа Џули Бишоп, и со пратеникот и поранешен спикер на австралискиот парламент, г. Хери Џенкинс 

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски заедно со членовите на делегацијата на Собранието на Република Македонија составена од пратениците Илија Димовски, Џеват Адеми, Цветанка Иванова и Милорад Додевски оствари средби со Комисијата за надворешни работи и трговија на Парламентот на Австралија, со заменик-лидерот на опозицијата, г-ѓа Џули Бишоп, и со пратеникот во австралискиот парламент, г. Хери Џенкинс.

На работната средба со членовите на Комисијата за надворешни работи и трговија на австралискиот парламент, со која претседаваше г. Мајкл Денсби стана збор за повеќе прашања од сферата на надворешна политика на двете земји и билатералните односи. На средбата членовите на комисијата г-ѓа Геш, која е воедно и потпретседател на комисијата, сенаторот Фасет, пратеникот Џенсен, г-ѓа Стоун и пратеникот г. Фергусон поставија неколку прашања до претседателот на Собранието и до членовите на делегацијата. Прашањата се однесуваа на членството и придонесот на  Република во НАТО и неговите мировни мисии, како и приоритетите на земјата во однос на добивање датум за пристапни преговори со ЕУ; потоа состојбата со човековите права во Република Македонија и соседните земји и во оваа насока и регионалните извештаи на Хелсиншкиот комитет посветени на малцинските права; економската состојба и главните развојни сектори во Македонија; стапката на невработеност, земјоделството и влијанието на климатските промени врз околината.

На средбата со г-ѓа Бишоп, заменик-лидер на опозицијата и министер за надворешни работи и трговија во сенка, претседателот Вељаноски се осврна на билатералните односи меѓу Република Македонија и Австралија и признавањето на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација со Австралија, како и на можноста за отворање на амбасада на Австралија во Република Македонија. Дополнително, претседателот Вељаноски се осврна и на еден од стратешките приоритети на Република Македонија, членство во НАТО; во таа насока, истакна претседателот Вељаноски, Македонија значително придонесува во мировните мисии на НАТО во Авганистан.

Госпоѓа Бишоп го потврди значајниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО. Во однос на отворање на амбасада во Република Македонија и признавањето под уставното име, г-ѓа Бишоп истакна дека со оглед на тоа што е во опозиција, писмено ќе се обрати до министерот за надворешни работи и трговија, штом ќе биде назначен.

Соговорниците ја поздравија одлуката на австралиското МНР за исфрлување на терминот Славомакедонци наметнат со Директивата од 1994 и воведување на терминот Македонци во сите официјални документи. На крајот на средбата претседателот Вељаноски ја покани г-ѓа Бишоп да ја посети Република Македонија, за да ја запознае земјата од која доаѓа Македонската заедница во нејзината изборна единица.

На средбата со г. Хери Џенкинс стана збор за придонесот на Македонската заедница во австралиското општество, при што г. Џенкинс ги сподели впечатоците од неговата официјална посета на Република Македонија, особено нагласувајќи ги вредностите на мултиетничкото општество во Република Македонија. Во однос на парламентарната дипломатија, г. Џенкинс истакна дека истата е одличен механизам за постигнување на целите и за разрешување на прашања кои ги засегаат гласачите. Со зачестените посети на сите нивоа несомнено се зајакнува соработката и односите меѓу двете земји, а отворањето на амбасада во Република Македонија ќе биде дополнителен импулс за напредок на односите. Господин Џенкинс се осврна и на размената на студентите, особено на релација Австралија-Македонија, како и на имплементација на Договорот за одбегнување на двојно оданочување меѓу Австралија и Македонија.

Во попладневните часови претседателот и делегацијата го посетија соборниот храм „Св. Климент Охридски“ каде остварија средба со Македонската заедница во Канбера.  

Click