Собраниско раководство

Среда, 29 февруари 2012 година, Австралија
 
Средба на претседателот, г. Трајко Вељаноски и делегацијата со сенаторот на Горниот дом на Парламентот на Австралија, г. Гери Ханфрис и со сенаторот на Горниот дом на Австралија, г. Лук Симкинс
 
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски  заедно со делегацијата од Собранието на Република Македонија, во чиј состав се пратениците Илија Димовски, Милорад Додевски, Цветанка Иванова и Џеват Адеми се сретнаа со сенаторот на Горниот дом на  Парламентот на Австралија, г. Гери Ханфрис. На почeтoкот на средбата претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија и Австралија негуваат добри и пријателски политички односи и дека Република Македонија придава особено значење на натамошното успешно развивање и севкупно унапредување на односите со пријателска Австралија.

На средбата стана збор и за билатералната употреба на уставното име на Република Македонија во комуникацијата со Австралија. Претседателот Вељаноски, исто така, подвлече дека, во насока на подобрување и јакнење на соработката меѓу Австралија и Република Македонија потребно е отворање на амбасада на Австралија во Македонија и олеснување на визниот режим за македонските граѓани при патување во Австралија.

Сенаторот Ханфрис се согласи дека олеснувањето на визниот режим несомнено ќе придонесе за јакнење на односите меѓу двете земји. Во однос на прашањето за името тој истакна дека ова прашање не е само дипломатски документ, туку станува збор за идентитет на еден народ. Без разлика на односите меѓу две земји, кога станува збор за името на државата треба да се слушне гласот на граѓаните. Според Ханфис позицијата на Австралија е нелогична и истата треба да се смени.

На средбата со сенаторот Симкинс стана збор за признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име, при што г. Симкинс истакна дека на Република Македонија никој не може да ѝ каже како ќе се вика -  пријателите треба да се обраќаат еден кон друг со името кое им е дадено од раѓање, а не со името кое им го дала третата страна. Тој истакна дека при неговата посета на Република Македонија заклучил дека Македонците не се злонамерни кон Грција, туку единствено се решени да постигнат напредок и развој на својата држава.

Дополнително г. Симкинс истакна дека Република Македонија треба да добие јавно признание за напредокот кој досега го постигнала и за учеството во мировните мисии на НАТО. Соговорниците се согласија дека зголемениот број на возвратни посети ќе придонесат за зајакнување на односите меѓу Австралија и Република Македонија во сферата на култура, политика, економија и меѓучовечките односи. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски, исто така оствари средба и со Австралиско-македонската група за пријателство предводена од нејзиниот претседател, г. Стефан Џонс.
Click