Собраниско раководство



Среда, 29 февруари 2012 година, Австралија
 
Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и делегацијата со претседавачите на Парламентот на Австралија
 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски заедно со делегацијата од Собранието на Република Македонија, во чиј состав се пратениците Илија Димовски, Милорад Додевски, Цветанка Иванова и Џеват Адеми оствари средба со претседавачите со Парламентот на Австралија, г. Питер Слипер, претседател на Претставничкиот дом на Австралија и г. Џон Хог, претседател на Сенатот на Австралија.

На средбата која помина во пријателска атмосфера стана збор за повеќе прашања од интерес на двете земји.

Претседателот Вељаноски упати признание до Министерството за надворешни работи на Австралија за исфрлувањето на терминот славо-македонски, што претставува огромен исчекор напред во севкупните односи меѓу Австралија и Република Македонија.

Претседателот Вељаноски се осврна и на прашањето за олеснување на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, како и за отворање на амбасада на Австралија во Република Македонија, со што дополнително ќе се зајакне соработката меѓу двете држави.

Дополнително, претседателот Вељаноски изрази заинтересираност за соработката со Парламентот на Австралија на ниво на комисии, парламентарни групи, пратеници и стручната служба.

Претседателот Вељаноски, исто така, ја истакна и значајната улога на македонските војници распоредени во Авганистан кои се рамо до рамо со своите сојузници - членовите на воените сили на Австралија.

За жал, истакна претседателот Вељаноски, и покрај огромниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО и Коалицијата против  тероризам, Република Македонија сè уште не е членка на НАТО од добро познати причини.

Господин Слипер упати благодарност до Македонската заедница во Австралија, која брои над 100.000 граѓани за нивната лојалност и придонес во општествениот и социјалниот живот на Австралија. Господин Слипер, исто така, беше заинтересиран и за поддршката на македонските граѓани за членство во НАТО и ЕУ и оддаде признание за активното учество на нашите војници во мировните мисии на НАТО.

На средбата, исто така, стана збор и за можностите за проширување на економската соработка меѓу Република Македонија и Австралија.

Претседателот на Сенатот, г. Хог, од своја страна се согласи дека постојат одлични можности за проширување на соработката на парламентарно ниво, особено во сферата на ИКТ. 

Претседателот Вељаноски упати покана до двата претседатели на Парламентот на Австралија да ја посетат Република Македонија, која со задоволство беше прифатена од нивна страна.

Click