Собраниско раководство



Вторник, 9 октомври 2012 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ НА СЛОВАЧКАта РЕПУБЛИКА, г. ПАВОЛ ПАШКА

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и претседателот на Групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Парламентот на Словачката Република, г-ѓа Соња Мираковска, денеска остварија средба со претседателот на Национален совет на Словачката Република, г. Павол Пашка.

На самиот почеток од средбата, претседателот на Собранието, г. Вељаноски, изрази задоволство од оваа прва официјална средба и посета на ниво на претседатели на парламентите на двете земји од независноста.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната билатерална соработка на високо ниво, како и од меѓусебните односи кои се карактеризираат со пријателство и висок степен на меѓусебно разбирање и поврзаност, како и заложбите за нивно натамошно унапредување.

Претседателите на двата парламенти, покрај размената на прашањата поврзани со билатералните односи, особено се задржаа на состојбите во Европската унија и евроинтегративниот процес на Република Македонија, како и јакнењето на економската соработка меѓу двете држави.

Претседателот Вељаноски искажа благодарност за принципиелната политика и поддршка на Словачката Република кон Република Македонија на патот на евроатлантските интеграции. Како политички приоритети во нашата европска агенда, претседателот Вељаноски потенцираше дека реформите и натамошното исполнување на критериумите продолжува, како и решавање на спорот за името со нашиот јужен сосед врз основа на принцип на незагрозување на националниот идентитет.

Претседателот на Националениот совет, г. Павол Пашка, во делот на економската соработка меѓу двете земји, истакна дека показателите се релативно позитивни и дека има можности за понатамошно унапредување на соработката.

Претседателот Вељаноски, од своја страна, информираше за нашите напори за привлекување на странски инвестиции и за мерките кои Република Македонија ги презема за справување со последиците од светската и европската економска криза.

Во сферата на соработката меѓу парламентите на двете земји, соговорниците ја поздравија досегашната успешна парламентарна соработка и изразија уверување дека и во иднина ќе се задржи високиот степен на соработка.

Двајцата соговорници се согласија дека најдобар мост за продлабочување на соработката е образованието и дека меѓусебната поврзаност особено се продлабочува преку заедничкото негување на Кирилометодиевската традиција.

Претседателот Пашка, во оваа насока, за идната 2013 година, а во пресрет на одбележувањето на 1150 години од мисијата на Св. Кирил и Методиј, најави одржување бројни настани со кои ќе се одбележи овој значаен јубилеј за Словачката Република, на кои го покани и претседателот Вељаноски.

Заблагодарувајќи се на поканата, претседателот Вељаноски, во насока на одржувањето на традицијата и градењето мостови на соработка, се заблагодари и за можноста македонските студенти во Словачка Република да студираат под истите услови како и словачките.  

Click