Собраниско раководство



Среда, 23 мај 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Националниот Совет на Република Австрија, г-ѓа Барбара Прамер

На средбата и двете страни билатералните односи ги оценија како многу добри и во нагорна линија на сите полиња. Во тие рамки, парламентарната соработка, како на ниво на претседатели, така и на ниво на парламентарни групи и комисии, има голем придонес, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

Зборувајќи за актуелната состојба, претседателот Вељаноски истакна дека Собранието е фокусирано на две основни прашање. Процесот на нашата евроатланска интеграција и доследна имплементација на донесените закони и реформи. Без разлика на тоа што се случи на самитот на НАТО во Чикаго, без разлика на фактот дека три години по ред добиваме препорака од Европската комисија за започнување на преговорите со Европската унија, а на сето ова следи блокада од нашиот јужен сосед, Република Македонија нема да се откаже од своите стратешки определби, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО.

„Сите овие реформи и хармонизацијата со европските директиви ги правиме бидејќи сме свесни дека тоа е пред сè во корист на нашите граѓани, а ние како политичари сме должни и одговорни токму пред граѓаните.  Дека сме на добар пат кога станува збор за реформите, сакам да потсетам дека оваа го потврди и еврокомесарот Филе за време на неговата неодамнешна посета, токму овде во Собранието“, истакна претседателот Вељаноски.

Изразувајќи благодарност и задоволство за посетата на Република Македонија, претседателот на Националниот совет на Република Австрија, г-ѓа Барбара Прамер, посебно ја истакна улогата на парламентите во развивање на вкупните билатерални односи.

„Ние како држава, а во тие рамки и нашиот парламент, во целост ја подржуваме Република Македонија во процесот на интеграција во ЕУ. Проектот здружена Европа може да биде успешен само со интеграција на Република Македонија и на сите држави од регионот. Затоа, наш став е дека проблемот кои го имате со вашето уставно име не може да се поврзува со започнувањето на преговорите со ЕУ, односно овие два процеси треба одделно да течат“, истакна г-ѓа Прамер.

На средбата, г-ѓа Барбара Прамер официјално го покани претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, да ја посети Австрија, што од страна на претседателот Вељаноски беше прифатено со задоволство.


 

Click