Собраниско раководство



Петок, 2 март 2012 година, Нов Јужен Велс

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Парламентот и гувернерот на Нов Јужен Велс

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и Делегацијата од Собранието на Република Македонија, составена од пратениците: г. Илија Димовски, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Џеват Адеми и г. Милорад Додевски, денеска остварија средба со претседателот и потпретседателите на Парламентот на Нов Јужен Велс, г. Џон Хог, г. Вард и г-ѓа Мекларен Џонс, пратеникот Моселман и гувернерот на Нов Јужен Велс, г-ѓа Мери Бешир.

На почетокот на средбата стана збор за статусот, правата и прашањата на Македонската заедница во Австралија. Во таа насока беше истакнато дека Македонската заедница во Австралија, особено во Нов Јужен Велс е бројна и значително придонесува во општеството, ги ужива сите права, а преку својот претставник во Собранието на Република Македонија ѝ се дава можност да ги артикулира сите прашања кои ја засегаат. Соговорниците се согласија дека со потпишувањето на Договорот за социјално и пензиско осигурување е направен добар чекор напред за Македонската заедница.

Претседателот Вељаноски се осврна на унапредувањето на односите меѓу Република Македонија и проширување на соработката во заедничките сфери на интерес, особено во сферата на економијата, каде односите не се на завидно ниво, поради географската оддалеченост на двете земји, што не значи дека истите не можат дополнително да се развиваат.

Претседателот Вељаноски и Делегацијата, исто така, остварија средба и со гувернерот на Нов Јужен Велс, г-ѓа Мери Бешир. На средбата стана збор за билатералните односи меѓу Република Македонија и Австралија, кои се движат во нагорна линија, особено по посетите во последниве неколку години на највисоко ниво.

Во насока на подобрување на односите меѓу двете земји е и соработката меѓу Република Македонија и Австралија во повеќе сфери од заемен интерес, особено во сферата на туризмот. 

Дополнително, претседателот Вељаноски ја истакна и значајната улога на македонските војници распоредени во Авганистан, кои се рамо до рамо со своите сојузници - членовите на воените сили на Австралија.

За жал, истакна претседателот Вељаноски, и покрај огромниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО и Коалицијата против  тероризам, Република Македонија сè уште не е членка на НАТО од добро познати причини.

Соговорниците на средбата се согласија дека бројната македонска заедница во Нов Јужен Велс значително придонесува во развојот на државата и е лојална на Австралија.

Click