Собраниско раководство



Вторник, 5 јуни 2012 година, Словенија

Република Македонија има пријател и сојузник во Република Словенија

Дводневната официјална посета на Република Словенија, претседателот Вељаноски ја започна со средба со својот колега, претседателот на Парламентот на Република Словенија, г. Грегор Вирант, а на истата присуствуваа и потпретседателите на Парламентот на Република Словенија и координаторите на пратеничките групи.

На средбата, која помина во најпријателска атмосфера, покрај искажаното меѓусебно задоволство од високо поставените билатерални односи на двете држави, двајцата соговорници се задражаа на значењето на парламентарната соработка и на можностите кои таа ги дава, во сите форми и нивоа - средби на претседатели, средби меѓу групите за соработка, на комисиите и другите работни тела на двата парламента.

Претседателот Вељаноски искажа благодарност за постојаноста во принципиелната политика и поддршка на Република Словенија кон Република Македонија, особено на патот на евро-атлантските интеграции. Тој воедно го запозна соговорникот дека и покрај исходот од Самитот во Чикаго во поглед на прашањето на проширување на Алијансата, Република Македонија и понатаму останува посветена во исполнувањето на реформите и активна во исполнувањето на обврските во рамките на миисите на Алијансата. Тој потенцираше дека реформите се обврска во насока на исполнување на стандардите и условите на патот на интегрирањето, но пред сè се обврска кон граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на Државниот збор, г. Вирант, се осврна на прашањето на спорот кој Република Македонија го има со јужниот сосед, искажувајќи лично убедување дека барањето од Грција не е рационално и е претерано, бидејќи не може од една држава да се побара да се откаже од името и идентитетот, и воедно искажа убеденост дека со заеднички напори ќе се изнајде решение.

Министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Ерјавец на средбата со претседателот Вељаноски и собраниската делегација, искажа убеденост дека сите држави од регионот треба да се интегрираат во Европската унија, бидејќи Унијата без државите од Западен Балкан не е тоа што треба да биде. Тој искажа жалење што Република Македонија и на овој самит, како и на претходниот во Букурешт, на кој г. Ерјавец учествуваше како министер за одбрана на Република Словенија, иако се очекуваше, не доби покана за членство во Алијансата.

Претседателот Вељаноски денеска оствари средба и со претседателот на Владата на Република Словенија, г. Јанез Јанша, кој посочи дека  Република Македонија имала и продолжува да има пријател и сојузник во Република Словенија. Тој потенцираше дека од особен взаемен интерес е зајакнувањето и унапредувањето на економската соработка и дека како Република Македонија и Република Словенија е насочена во обезбедување на странски инвестиции. Премиерот Јанша ги запозна присутните дека Владата на Република Словенија е фокусирана на надминување на последиците од економската криза, од која Република Словенија беше попогодена од Република Македонија и констатираше дека од кризата Република Македоија се извлече без некоја поголема рецесија.

Претседателот Вељаноски истакна дека пријателскиот однос, принципиелната поддршка на Република Словенија, создаваат дополнителна одговорност и обврска Република Македонија да се насочи уште попосветено во остварувањето на реформите со што пријателите како Словенија би имале уште поголеми аргументи на патот на пружањето на поддршката.

Претседателот Вељаноски сите свои соговорници ги запозна со неподеленоста на политичките партии, но и на етничките заедници, во однос на стратешките определби на Република Македонија - интегрирањето во НАТО и ЕУ и во силната посветеност на евроатлантскиот пат.

Во состав на официјалната собраниска Делегација се и пратениците: Ристо Манчев, Мевмет Џемајловски, Оливер Спасовски и Амди Бајрам.

Претседателот Вељаноски и пратениците вчера остварија средба и со претставници на здруженијата на Македонците кои живеат во Република Словенија.

Според официјалната програма, македонската собраниска делегација ќе оствари средби и со претседателот на Република Словенија, г. Данило Тирк, со претседателите и членовите на Одборот за надворешна политика и Одборот за прашањата на Европската унија. Претседателот Вељаноски во текот на денот ќе има обраќање пред пратениците на Парламентот на Република Словенија.

Click