ЕУ вести

Сабота, 24 ноември 2012 година

Европа не смее да го игнорира насилството врз жените

Во пресрет на утрешниот 25 ноември – Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените, потпретседателот на Европската комисија, г-ѓа Вивиен Рединг, истакна дека насилството врз жените е најбрутална манифестација на нерамноправноста на половите и кршење на човековите права, што Европа не смее и не може да го игнорира.

Статистиката вели дека една од пет жени во Европа има претрпено физичко насилство барем еднаш во животот, а една од десет жени била жртва на сексуално злоставување.

Во мај 2011 година, Европската комисија предложи нов европски закон за правата на жртвите, кој шеснаесет месеци подоцна беше усвоен од страна на Европскиот парламент и Советот и е дел од статутот на Европската унија. Овој закон ги гарантира правата на жртвите каде и да се наоѓаат во Европа.

Генералното собрание на Обединетите нации на 17 декември 1999 година усвои Резолуција со која 25 ноември се прогласува за Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените.

Овој ден за првпат се одбележува од женските организации од Карибите и Колумбија во 1981 година, на иницијатива на феминистичкото движење од Јужна Америка, со цел да се осуди силувањето, тортурата и злоупотребата на жените политички затвореници.

Инаку, 25 ноември е денот на бруталното убиство на трите сестри Мирабал од Доминиканската Република во 1961 година, политички активисти кои се бореле против режимот на диктаторот Рафаел Трухиљо.

 
Click