Собраниско раководство

Петок, 14 јуни 2013 година
 
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДОДЕЛИ БЛАГОДАРНИЦИ НА СТРУЧНАТА СЛУЖБА НА СОБРАНИЕТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски на пригодна свеченост им додели благодарници на службениците кои учествуваа во организирањето на Конференцијата на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, која се одржа во Охрид, 27-28 мај 2013 година.

На Конференцијата на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, после тригодишна подготовка и напорна работа беа усвоени клучните документи за основање на новото Парламентарно собрание. Тоа се: Финалната декларација; Заедничката изјава на учесниците; Извештајот од работната група на парламентарната димензија на процесот за соработка во југоисточна Европа за Десеттата конференција на претседателите на парламентите на ПСЈИЕ; Компромисниот предлог за Парламентарно собрание на ПСЈИЕ (консолидирана верзија) и Годишната парламентарна програма на ЈИЕ за 2013-2014 година.  Парламентарното собрание на ПСЈИЕ ќе се конституира наредната година во текот на Романското претседателство.

Во своето обраќање претседателот Вељаноски ја истакна значајната улога и на стручната служба на Собранието на Република Македонија во успешното организирање на конференцијата, пред сè нивната професионалност и посветеност во постигнувањето на извонредниот резултат од конференцијата кој е значен не само за Република Македонија како претседавач во Процесот на соработка, туку и за регионот во целина.

Благодарници ќе им бидат доделени и на претставниците од Фондацијата  „Фридрих Еберт“, НДИ и Европското движење на Македонија.
Click