Собраниско раководство

Вторник, 30 април 2013 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА, Г. АЛДО БУМЧИ

На денешната средба, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, ги истакна пријателските односи меѓу двете држави и заемната поддршка на билатерален и мултилатерален план. Претседателот Вељаноски искажа благодарност за позицијата на Република Албанија во однос на Република Македонија, која е јасна, константна и принципиелна поддршка за зачленување на Република Македонија во НАТО, иако двете држави заедно започнаа да одат кон оваа цел.

Во однос на етничките односи, Република Македонија дава голем придонес со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија беше изразено задоволство за враќање на топонимите во населените места каде што живеат Mакедонци во Република Албанија. Во таа насока двете држави покажуваат зрелост во меѓусоседската соработка.

Во рамките на средбата, претседателот Вељаноски искажа задоволство од спроведените локални избори во Република Македонија, истакнувајќи ја демократската зрелост на државата и му посака на соговорникот во јуни во Република Албанија да бидат организирани фер и демократски избори.

Министерот за надворешни работи на Република Албанија, г. Алдо Бумчи, се заблагодари за денешната средба, потенцирајќи го искрениот пријателски однос меѓу двете држави, и повтори дека Република Албанија го почитува суверенитетот и интегритетот на Република Македонија.

Во однос на економската соработка, искажа уверување дека со изградбата на патната инфраструктура во двете држави, таа ќе се зголеми на поголемо ниво. Тој, исто така, изрази задоволство од отворањето на повеќе гранични премини и преминувањето на границите на двете држави само со лични карти.

На крајот, двете страни искажаа уверување дека во иднина односите меѓу двете држави ќе го задржат високиот степен на пријателство и разбирање.
Click