Собраниско раководство



Четврток, 9 мај 2013 година, Даблин

Собраниска делегација, предводена од претседателот Вељаноски, во официјална посета на Ирска

Парламентарната делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на официјалната дводневна посета на Ирска, која во моментов претседава со Европската унија, покрај средбата со домаќинот, претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска г. Шон Берет, оствари средби и со претседателот на Ирска г. Мајкл Д. Хигинс, министерот за европски прашања г-ѓа Лусинда Креитон, со Заедничката комисија за европски прашања и со Ирско-македонската група за пријателство.

Претседателот Вељаноски, во текот на вчерашниот ден, присуствуваше на седница на Претставничкиот дом на Ирска - Даил, како и на седница на Ирскиот сенат.

На срдечната средба со претседателот на Ирска, г. Мајкл Д. Хигинс, беа истакнати одличните пријателски односи меѓу Република Македонија и Ирска, без отворени прашања, кои се карактеризираат со поголема динамика од претходно.

На средбата стана збор за актуелните евроинтегративни процеси низ кои минува Република Македонија, како и за спорот со нашиот јужен сосед кој се води под покровителство на Обединети нации.

На средбата, претседателот Вељаноски ѝ искажа благодарност на Ирска која во билатералната комуникација ни се обраќа со уставното име.

Претседателот Вељаноски на средбата со министерот за европски прашања, г-ѓа Лусинда Креитон, искажа задоволство од досегашната поддршка која ја добива Република Македонија од Ирска, особено затоа што и двете мали европски земји имаат заеднички точки низ историскиот пат кој го поминале.

На средбата стана збор за повеќе актуелни прашања, а особено за нивото на поддршката на евроинтегративниот процес по неколкуте позитивни извештаи за напредокот на Република Македонија, после кои и понатаму нема датум за почеток на преговори со Европската унија, како и за степенот на меѓупартиската соработка во контекст на евроинтегративниот процес.

На средбата со Заедничката комисија за европски прашања и со Ирско-македонската група за пријателство, претседателот Вељаноски изрази задоволство од соработката меѓу Република Македонија и Ирска, во контекст на приближувањето на Македонија кон Европската унија.

Тој искажа задоволство за принципиелниот позитивен став во однос на проширувањето на Европската унија, како и за целосната поддршка на Република Македонија да го заокружи процесот токму во Даблин, каде што за време на претходното претседавање со Европската унија, во првата половина на 2004 година, беше предадена нашата апликација за членство во Европската унија.

На средбата со Заедничката комисија за европски прашања, особено се покажа интерес за добрососедската политика на Република Македонија, а членовите на Комисијата поставија повеќе прашања од областа на економијата, невработеноста и други социјални прашања. Од страна на членовите на двете Комисии беа истакнати придобивките кои Ирска ги има од членството во Европската унија. 

Претходно, на средбата со својот домаќин, претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска, г. Шон Берет, претседателот Вељаноски изрази задоволство од гостопримството и корисната средба која г. Берет ја овозможи, искрената размена на информации и мислења за европските интеграциони прашања, за билатералните и за другите прашања во функција на натамошно унапредување на вкупните пријателски односи меѓу двете земји.

Од своја страна, на средбата, претседавачот на Претставничкиот дом, г. Берет, истакна дека малите земји, како Ирска, имаат проблем да најдат сојузници, а така е и со Република Македонија. Тој ја потенцираше поддршката која Ирска ѝ ја даваше и ѝ ја дава на Република Македонија, но сепак изрази жалење што Ирска не можела да влијае врз одлуките на другите земји.

Тој потенцираше дека од нивна страна нема ништо што би ја сопрело Република Македонија да стане дел од Европската унија и ја истакна поддршката кон Република Македонија во напорите да стане дел од ЕУ.

Во состав на делегацијата од Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Вељаноски, се и пратениците членови на Групата за пријателство со Република Ирска: г. Александар Николоски, г. Неџати Јакупи и г. Панче Орцев.

Click