Собраниско раководство



Понеделник, 1 април 2013 година, Белград

Претседателот Вељаноски во официјална посета на Република Србија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски престојува во официјална посета на Република Србија, во рамките на која, денеска оствари средба со својот колега, претседател на Народното собрание на Република Србија, г. Небојша Стефановиќ, со претседателот на Пратеничката група за соработка, г. Зоран Остоиќ и со членовите на Групата, како и со претседателот на Владата на Република Србија, г. Ивица Дачиќ.

„Oчекуваме и посакуваме во јуни да добиеме датум за преговори со ЕУ, а оваа моја посета е во фокусот на добрососедските односи, кои се традиционално добри“, изјави денеска во Белград претседателот Вељаноски, кој е во дводневна официјална посета на Република Србија.

„Оваа посета на Србија е во фокусот на добрососедските односи. Очекуваме, посакуваме, се надеваме, затоа што ги исполнуваме сите критериуми и Македонија и Србија да добијат датум за преговори во јуни. И двете земји побрзо да се интегрираат во ЕУ“, рече Вељаноски истакнувајќи дека исполнувањето на стандардите е за добро на сите граѓани.
 
Србија и Македонија секогаш имале добра соработка, додаде г. Вељаноски, но според него посебно значаен е придонесот на српската заедница во Македонија која има двајца свои претставници во Македонскиот парламент.
 
„Самото тоа дава знак дека државите имаат соодветен третман кон етничките заедници. Српската држава имала секогаш значаен третман кон македонската заедница во Србија“, изјави претседателот Вељаноски по средбата со неговиот српски колега, г. Небојша Стефановиќ.
 
Според него, посетите на Македонија на претседателот на Србија, г. Томисла Николиќ и на премиерот, г. Ивица Дачиќ, дава посебен акцент на односите меѓу двете земји. Претседателот Вељаноски ја најави мајската конференција на претседатели на парламенти во рамки на ПСЈИЕ во Охрид.
 
Претседателот на Српскиот парламент, г. Небојша Стефановиќ, истакна дека Србија и Македонија се подготвени за почеток на преговорите за влез во ЕУ и се согласи со г. Вељаноски дека треба да се интензивира економската соработка меѓу двете земји.
 
„Многу теми се заеднички за двете земји. Двете земји достигнаа одредени стандарди и ги исполнија копенхашките критериуми и препораките на Советот на Европа и се надеваат на почеток на преговорите со ЕУ. Тој вид на охрабрување и влез во ЕУ ќе биде значајно не само во политичка смисла, туку и за натамошна економска соработка, за што исто така имавме прилика да разговараме“, изјави Стефановиќ.
 
Што се однесува до парламентарната соработка, формирани се групи за пријателство кои ќе соработуваат и ќе придонесат двете земји поуспешно да соработуваат.
 
„Мислам дека оваа посета ќе придонесе да се зацрвсти традиционалното добро пријателство меѓу нашите две држави и да отвори нов вид на соработка во смисла на билатерална и регионална соработка. Двете земји се цврсто посветени на зацврстување на регионалната соработка која ќе овоможи да имаме корист од Европската унија, но и други држави од нашиот регион“, рече претседателот на Српскиот парламент.
 
На средбата станало збор за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, но и за зајакнување на парламентарната и економската соработка, што ќе овозможи пласман на македонски и српските производи на трети пазари и зголемување на обемот на трговската размена меѓу двете земји. Дотолку повеќе, додаде г. Стефановиќ, во земји кои имаат силни желби за зајакнување на земјоделството.

На средбата на претседателот Вељаноски со претседателот на Владата на Република Србија, г. Дачиќ, соговорниците разменија мислења за актуелните прашања кои ги засегаат двете држави, за односите кои иако се на високо ниво, треба дополнително да се негуваат и унапредуваат, особено во сферата на економијата и соработката на бизнис заедницата. Двајцата соговорници потенцираа дека заедничката седница на двете влади планирана за месец мај е одлична можност на маса да се стават сите отворени прашања.

Во состав на собраниската делегација, се и претседателот на Групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Народното Собрание на Република Србија, г. Драгиша Милетиќ и членовите на Групата, пратениците: Косана Николиќ-Мазнева, Иван Стоиљковиќ и Тања Томиќ.
 
На средбите во Белград присуствува и Миле Спироски, првиот Македонец избран во Српското собрание. Спировски е дел од последниот парламентарен состав на Српскиот парламент, избран во мај минатата година и е член на Демократската партија на Македонците во Србија.
 
Утре г. Вељаноски ќе се сретне со српскиот претседател, г. Томислав Николиќ.

Click