Собраниско раководство

Понеделник, 8 јули 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со Делегација на Комисијата за европски прашања од Парламентот на Холандија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази задоволство од посетата на Делегацијата на Комисијата за европски прашања на Парламентот на Холандија и воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија во континуитет ја добива од пријател како што е Холандија во однос на евроатлантското интегрирање.

Претседателот Вељаноски ги запозна соговорниците со актуелните политички случувања во Република Македонија, како и со огромната посветеност на Република Македонија на патот на членство во Европската унија и НАТО, големата заинтересираност на граѓаните за интегрирањето на државата и многуте реформи што Република Македонија ги има направено и спроведено во последните неколку години.

Тој потенцираше дека и покрај долгогодишниот кандидатски статус и недобивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и покрај недобивањето на членство во НАТО, Република Македонија без обесхрабрување ќе продолжи да ги спроведува потребните реформи и обврски, пред сe заради своите граѓани, а потоа и за да со добивање членство биде конкурентна и политички и економски.

Членовите на Делегацијата од Парламентот на Холандија потенцираа дека ретко патуваат во други држави, но дека интересот за посетата на Република Македонија бил голем и изразија уверување дека не направиле грешка во проценката која држава да ја изберат за посета.

Претседателот Вељаноски и пратениците од Холандскиот парламент разменија мислење и за значењето на владеење на правото, за слободата на изразување, за медиумите.

Претседателот Вељаноски ги запозна гостите и со случувањата од крајот на минатата година, со одржаните локални избори и исходот од нив, како и со нормализирање на политичката состојба и очекувањето на препораки и референци од формираната комисија, кои ќе придонесат за истото да не се повтори.
Click