Собраниско раководство



Петок, 5 јули 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со помошникот на генералниот секретар на НАТО, г. Дирк Бренгелман

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го запозна соговорникот со актуелните политички случувања во Република Македонија, со огромната заинтересираност на граѓаните за членството во НАТО и посветеноста на институциите во остварувањето на тој интерес.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека и покрај негативниот исход во Букурешт во 2008 година, Република Македонија останува посветена на интегрирањето во НАТО алијансата, исполнувајќи ги сите обврски како да е членка на организацијата и реализирајќи ги реформите кои се значајни, пред сè, за граѓаните на нашата државата.

Претседателот Вељаноски констатираше дека во Република Македонија некои работи се случуваат со посилен интензитет како резултат на притисокот на јавноста за што поскоро интегрирање на државата во ЕУ и НАТО и дека тој притисок ги обврзува политичарите на уште поголем ангажман и посветеност во делувањето кон поскоро евроатлантско интегрирање, што би претставувало добробид, не само за државата, туку и за регионот и за Европа во целост.

Претседателот Вељаноски изрази убеденост дека евроатлантското интегрирање на Република Македонија би овозможило затворање на дневно политичките и безбедносните прашања за сметка на посветеност на економското унапредување на земјата.

Господинот Бренгелман изрази задоволство од можноста за средба со претседателот на Собранието на Република Македонија, изразувајќи разбирање за фрустрацијата која ја чувствува Република Македонија по Самитот во 2008 година и недобивањето на членството во Алијансата.

Тој потенцираше дека членството на Република Македонија во НАТО би значело обезбедување на стабилност во регионот, но и во Европа и изрази благодарност за севкупниот придонес на државата во рамките на учеството во мисиите на Алијансата.

Гостинот искажа задоволство и во однос на позитивното придвижување на политичката состојба во државата по настаните кон крајот на претходната година.

Двајцата соговорници разменија мислење и за значењето на имплементирањето на Охридскиот рамковен договор и на процесот на донесување на Законот за медиуми.

Click