Собраниско раководство



Среда, 8 мај 2013 година, Даблин, Ирска

Средба на претседателот Вељаноски со претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска, г. Шон Берет

На средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го искажа задоволството од гостопримството и средбата која овозможи искрена размена на информации и мислења за европските интеграциони прашања, за билатералните и другите прашања во функција на натамошно унапредување на вкупните пријателски односи меѓу двете земји.

Од своја страна, претседавачот на Претставничкиот дом на Ирска, г. Шон Берет, истакна дека малите земји, како Ирска, имаат проблем да најдат сојузници, а така е и со Република Македонија.

Тој ја потенцираше поддршката која Ирска ѝ ја даваше и ѝ ја дава на Република Македонија, но сепак изрази жалење што Ирска не можела да влијае на одлуките на другите земји.

Претседавачот со Претставничкиот дом, г. Берет, потенцираше дека од нивна страна нема ништо што би ја сопрело Република Македонија да стане дел од Европската унија и ја истакна поддршката кон Република Македонија во напорите да стане дел од ЕУ. 

Претседателот Вељаноски потенцираше дека односите меѓу Република Македонија и Ирска се пријателски, без присуство на отворени прашања и се карактеризираат со поголема динамика од претходно, при што искажа благодарност на Ирска која во билатералната комуникација ни се обраќа со уставното име.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од соработката меѓу Република Македонија и Ирска во контекст на приближувањето на Македонија кон ЕУ. Тој искажа задоволство за принципиелниот позитивен став во однос на проширувањето на ЕУ, како и за целосната посветеност и поддршка на Македонија да заокружи еден процес, токму во Даблин, каде за време на претходно претседавање со ЕУ во првата половина на 2004, беше предадена апликацијата на членство на Република Македонија во ЕУ. 

Претседателот Вељаноски истакна дека е во интерес и на Грција и заради стабилноста и просперитетот на регионот, што поскоро решавање на прашањето за спорот со уставното име на Република Македонија, кој се води под покровителство на Обединети нации.

Од страна на претседателот Вељаноски беше потенцирана потребата од понатамошна продлабочена парламентарна соработка и од користење на можностите кои ги нуди парламентарната дипломатија.

На крајот на средбата, претседателот Вељаноски му упати покана на својот домаќин за возвратна посета на Република Македонија.

Click