Собраниско раководство

Среда, 3 јули 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со министерот за надворешни работи на Република Романија, г. Титус Корлацеан

На средбата претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази благодарност за поддршката која Република Македонија ја добива од Република Романија и го запозна соговорникот со актуелната политичка состојба во однос на евроатлантското интегрирање на Република Македонија, изразувајќи жалење што Република Македонија повторно не доби датум за отпочнување на преговори со Европската унија.

Претседателот Вељаноски укажа дека и покрај недобивањето датум за отпочнување на преговорите, Република Македонија продолжува со спроведувањето на реформите, кои првенствено ги прави поради сопствените граѓани.

Претседателот Вељаноски изрази уверување дека благодарение на добрата основа дадена во рамките на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ПСЈИЕ годинава во Охрид, за време на претседателството на Република Романија со ПСЈИЕ ќе се формира Парламентарното собрание со што ќе се оствари значаен резултат во однос на регионалната соработка.

Вељаноски го запозна гостинот дека со својот колега, претседателот на Претставничкиот дом на Република Романија, г. Згонеа, на билатералната средба во рамките на конференцијата во Охрид, се договорија двата парламента да се заложат за унапредување на парламентарната соработка на ниво на групите за соработка, на ниво на комисиите и на ниво на претседатели на двата парламента.

Министерот Корлацеан изрази задоволство што може да пренесе дека во последниот парламентарен состав на Република Романија е формирана група за соработка со Собранието на Република Македонија, како и дека на двете страни постои подготвеност за унапредување на политичките и економските односи, како и на односите во други области.

Тој ја потврди заложбата на Република Романија за поддршка на Република Македонија на патот на интегрирањето во ЕУ и НАТО и  го запозна соговорникот дека Романија, заедно со Турција и Полска, започнале процес за уште поголема поддршка на Република Македонија во однос на евроатлантското интегрирање.

Министерот Корлацеан потенцираше дека во Букурешт сè уште се чувствува жалење што Република Македонија во 2008 година не стана членка на НАТО и дека Романија е подготвена да помогне и во однос на преговорите кои се водат под покровителство на ОН.

По прашањето на малцинствата, двајцата соговорници констатираа дека односот на двете држави кон нив е на високо ниво и дека двете држави се залагаат за дополнително подобрување на положбата на Македонците во Република Романија и на Власите во Република Македонија.
Click