Собраниско раководство



Понеделник, 10 јуни 2013 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА, Г. ЖАН КЛОД МИЊОН

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изразувајќи задоволство од посетата на Република Македонија и од средбата, истакна дека испoлнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се од суштинско значење за создавањето на демократското општество. Притоа, препораките на Советот на Европа за Република Македонија, секогаш претставуваат израз на поддршката за понатамошен демократски развој и на овие препораки Република Македонија секогаш посветува големо внимание.

На средбата стана збор за неодамнешните локални избори, за кои претседателот Вељаноски истакна дека беа организирани на фер и демократски начин, а на кои граѓаните ја изразиле својата слободна волја и направиле избор кој да ги претставува во органите на локалната власт.

Соговорникот, г. Мињон во оваа насока истакна дека и тој позитивно го оценува одржувањето на локалните избори кои според неговата оценка поминале без никакви проблеми и во најдобар ред, што на Република Македонија ѝ носи позитивна оценка во Извештајот за напредокот.

Претседателот Вељаноски во продолжението на средбата потенцираше дека токму Советот на Европа беше организацијата преку која започна европското и евроатлантското интегрирање на Република Македонија - во 1993 година со статусот на специјален гостин на Собранието и потоа од ноември 1995 година како полноправен член. Во 2010 година, дополни претседателот Вељаноски, со првото претседателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа, Република Македонија покажа дека е подготвена и дека има капацитет активно да придонесува во решавањето на прашањата со кои се соочува Советот на Европа, застапувајќи ги интересите на 800 милиони европски граѓани. Со оваа оценка целосно се сложи г. Мињон, кој го потенцираше високото дипломатско ниво на кое се одвивало претседавањето од страна на Република Македонија.

Од своја страна, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Мињон, истакна дека механизмите и инструментите на Советот на Европа поврзани со имплементацијата на конвенциите и повелбите, особено мониторинг процедурата во однос на обврските и задолженијата преземени при приемот, дале резултат, и дека е постигнат забележителен прогрес во однос на преземените обврски при приемот во членство.

На средбата, покрај успешно завршените локални избори, стана збор и за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како и за актуелните политички состојби. На средбата стана збор и околу наметнатиот спор за името на Република Македонија од страна на јужниот сосед, за што претседателот Вељаноски истакна дека е прашање на сопствениот идентитет, прашање од егзистенцијално значење за секој човек и секој народ. 

Двата соговорника на крајот изразија задоволство од средбата и надеж дека добрата соработка ќе продолжи, како и верување дека Република Македонија во блиска иднина ќе го финализира постмониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Click