Собраниско раководство

Четврток, 11 април 2013 година

Претседателот Вељаноски го прими министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Виктор Ерјавец
 

На денешната средба, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, ги истакна пријателските односи меѓу двете држави кои се базираат на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план. Претседателот Вељаноски искажа благодарност за позицијата на Република Словенија во однос на Република Македонија која е јасна и константна, изразена како гласна, безусловна, континуирана и принципиелна поддршка за евроинтегративниот процес на Република Македонија.

Во однос на економската соработка Република Словенија е значаен надворешно-трговски партнер на Република Македонија и се наоѓа на листата на најголемите трговски партнери. Во таа насока искажа уверување за поскора реализација и на другите инвестиции од словенечки компании, како и интензивирање и развој на геотермалниот туризам и другите аспекти на искористување на геотермалните капацитети во Македонија.

Во рамките на средбата, претседателот искажа задоволство од спроведените локални избори во Република Македонија, истакнувајќи ја демократската зрелост на државата.

Министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Виктор Ерјавец, се заблагодари на денешната средба, потенцирајќи го искрениот пријателски однос меѓу двете држави. Ја повтори поддршката на Република Македонија во однос на спорот за името со Грција, искажувајќи дека низ конструктивен разговор и дијалог од двете страни може да се изнајде решение за проблемот. Република Словенија ги поддржува активностите насочени кон трајна стабилизација на регионот и негова интеграција во НАТО и ЕУ.

Во однос на економската соработка, искажа уверување дека словенечките компании и во иднина ќе продолжат со соработката со Република Македонија, благодарејќи на добрата економска клима, како и на спроведените реформи.

Министерот ја искажа својата пријатна изненаденост и задоволство од големите промени и реформи во државата, а особено во градот Скопје, правејќи притоа споредба со неговата последна средба од 2007 година. 

На крајот, двете страни искажаа уверување дека во иднина односите меѓу Република Македонија и Република Словенија ќе го задржат високиот степен на пријателство и разбирање.
Click