ЕУ вести



Понеделник, 7 октомври 2013 година

Тројца финалисти за наградата „Сахаров“

Во потесниот избор за наградата „Сахаров“ за слобода на мислата, која ја доделува Европскиот парламент, влегоа: белоруските политички затвореници Алеш Бјалацки, Едвард Лобу и Микола Статкевич, потоа Американецот Едвард Сноуден и пакистанскиот борец за образование на жените, Малала Јусафа.

Алеш Бјалацки, Едвард Лобу и Микола Статкевич се дисиденти од Белорусија, кои се во затвор од 19 декември 2010 година, поради учество во демонстрациите на Плоштадот на независноста Минск во врска со претседателските избори. Бјалацки е претседател на Центарот за човекови права „Вјасна“, Лобу е активист на „Малади фронт“, а Статкевич бил претседателски кандидат во Белорусија во 2010 година.

Едвард Сноуден е американски компјутерски експерт и поранешен вработен во ЦИА, кој објави доверливи информации. Во јуни годинава Американската влада го обвини за шпионажа, кражба и нелегално користење на владин имот, а во јули доби привремен азил во Русија.

16-годишното девојче Малала Јусафа се бори за право на образование на жените, слобода и самоопределување во долината Сват во Пакистан, каде што со талибанскиот режим е забрането девојките да посетуваат училиште. Уште на 11 години таа ја започнала својата борба со пишување блог под псевдоним, за што била цел на талибанските напаѓачи во октомври 2012 година.

Победникот ќе биде соопштен од страна на претседателот на Европарламентот, г. Мартин Шулц, за време на пленарната седница на 10 октомври, додека свечената церемонија на доделување на наградата во вредност од 50.000 евра, ќе се одржи на 20 ноември во Стразбур.

Наградата „Сахаров“, која е наречена во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, Европскиот парламент ја доделува од 1988 година на поединци или организации кои придонеле за правата на човекот и демократијата.

 

Click