Активности



Петок, 18 јануари 2013 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и првата седница, одржана на 16 јануари 2013 година, како матично работно тело, во прво читање го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стандардизација.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Веловска.

Беше истакнато дека потребата за изменување и дополнување на Законот за стандардизација, пред сè е поради давање на правна основа на владиниот проект на знакот „македонско сонценце“ во која би се уредила основата, содржината и неговата примена.

Воведувањето на овој промотивен знак за квалитетот на производите кои ќе бидат пуштени на домашниот и странскиот пазар, ќе значи градење на национална препознатлива марка, односно бренд, којшто би значел висок квалитет на македонските производи.

Заменик-министерот за економија истакна дека со предложената мерка ќе се поттикне бизнис заедницата да произведува конкурентни производи коишто ќе ги исполнуваат општествените барања за квалитет и нивна безбедност, кои ќе бидат дистрибуирани на пазарите во Република Македонија, Европската унија и пошироко, во согласност со стандардите предвидени во нивните Закони.

Со предвидената мерка ќе се постигне македонските производи да станат препознатливи и истите да го добијат промотивниот знак „македонско сонценце“.

За заштита на промотивниот знак „македонско сонценце“, Владата на Република Македонија одлучи да ја користи Париската конвенција, каде што Република Македонија е членка и овој модел на заштита е препознатлив и го користеле многу држави при националното брендирање на своите производи.

Ваквата заштита преку Париската конвенција не се обновува и за нејзина реализација фактички се остварува заштита во сите земји-членки и истите се обврзани да ја почитуваат оваа заштита, како и сите земји-членки на Светската трговска организација.

Со предложените изменувања и дополнувања на Законот за стандардизација, Институтот за стандардизација на Република Македонија ќе има јасно дефинирана надлежност во поглед на донесување на правните акти.

Владата на Република Македонија цени дека на овој начин ќе се обезбеди заштита на промотивниот знак „македонско сонценце“ и ќе се изгради една препознатлива марка којашто ќе означува квалитет на производите којшто ќе биде препознатлив не само на национално, туку и на меѓународно ниво.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања со шест гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за стандардизација во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click