Активности



Четврток, 17 јануари 2013 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Четириесет и петта седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за водите - I читање;
  2. Предлог-законот за договорите за превоз во патниот сообраќај - I читање;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации - I читање;
  4. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај - II читање;
  5. Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор (прва и втора фаза);
  6. Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2013 година.

Претставници на Владата на Република Македонија ги образложија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за водите, Предлог-законот за договорите за превоз во патниот сообраќај и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации и ја нагласија потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

Одделно, по сите три Предлог-закони, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлог-законот од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија и оцени дека Предлог-законот е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање. 

Што се однесува на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека согласно рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за транспорт и врски поднесе  еден Амандман, со цел либерализирање на превозот на патници на внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, односно се избегнува ограничувањето на превозниците да имаат најмалку две возила со 16+1 седиште и се предлага превозниците кои сакаат да се бават со превоз на патници да имаат најмалку едно возило со 8+1 седиште во сопственост или под договор за лизинг. 

Комисијата едногласно го усвои предложениот Амандман и заклучи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај II читање, да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Комисијата ја разгледа и Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, заедно со Мислењето на Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што по Статутарната одлука, Владата и Комисијата немаа забелешки, Комисијата му предложи на Собранието да донесе одлука за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.

Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2013 година, во својство на претставник на Владата, ја образложи г. Роберто Ордановски, директор на Агенцијата за електронски комуникации.

Тој ги истакна програмските активности на Агенцијата за електронски комуникации во 2013 година кои посебно ќе бидат насочени кон завршување на проектот Дигитализација на електронските комуникации и воведување на „4G “ систем, како и завршување на деловната зграда на Агенцијата.

Директорот Ордановски укажа дека со Програмата во 2013 година ќе се реализираат средствата како приход на Агенцијата исклучиво за активности и задачи на Агенцијата, освен 500 милиони денари кои ќе бидат наменети за завршување на проектот за дигитализација на ТВ сигналот.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 1 „воздржан“ го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија му предлага на Собранието на Република Македонија да го донесе следниот Заклучок:
  1. Собранието на Република Македонија ја разгледа и усвои Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2013 година;
  2. Овој заклучок да се достави до Агенцијата за електронски комуникации и Владата на Република Македонија.
Click