Активности



Петок, 29 ноември 2013 година, Подгорица, Црна Гора

Учество на конференција за спроведување на критериумите за родова еднаквост во Западен Балкан

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, заедно со пратеничките г-ѓа Лилјана Кузмановска и г-ѓа Хајрије Мисими учествуваа на конференција за спроведување на критериумите за родова еднаквост во Западен Балкан, која се одржа на 27 и 28 ноември во Подгорица, Црна Гора, во соработка со црногорското министерство за човекови и малцински права и УНДП Црна Гора, а на покана на Мараја Корнелисен.

Во македонската делегација учествуваа и Елена Грозданова, државен советник од Министерството за труд и социјална политика, Афердита Имери од Македонското женско лоби и Јасна Саздова, советничка од Кисела Вода.

Фокусот на средбата беше Извештајот на  Европскиот парламент за правата на жените во земјите-кандидати за членство  од Западен Балкан инициран од европарламентарката  Корнелисен, кој е усвоен од страна на Европскиот парламент, во мај 2013 година. Извештајот нуди детална анализа за постигнатиот напредок на механизмите за родова еднаквост во регионот и предизвиците што претстојат во иднина.

Претставници од парламентите и владите од регионот имаа шанса да дискутираат за наодите од Извештајот и за моменталната ситуација заедно со експертите на ЕУ и организациите на граѓанското општество.

Пратеничката Поповска се произнесе по Извештајот како претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, како и за остварениот напредок на Република Македонија за 2013 година, во делот за родова рамноправност.

Во дискусијата активно се вклучија сите членови на македонската делегација, при што беше забележано дека Македонија предничи на овој план пред другите земји во регионот. Како заклучок беше прифатено да се направи регионално  умрежување на женските структури по примерот на ГТФ (Gender Task Force) од Пактот за стабилност, кој даде огромни резултати за политичкото јакнење на жените.

Click