Активности



Вторник, 26 ноември 2013 година, Брисел

Доброто владеење и управување со јавните финансии - компонента од фундаментална важност

Претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, како дел од Собраниската делегација која учествува на парламентарниот семинар во Европскиот парламент во Брисел, имаше свое обраќање на тема: „Како глобалната економска криза влијае на напорите на земјите аспиранти да ги исполнат критериумите за пристап и кои би биле решенијата?“.

На почетокот од својот говор, таа се осврна на некои од главните економски показатели и движењата во македонската економија од почетокот на кризата. Притоа, истакна дека Република Македонија, иако се соочуваше со предизвиците од економската криза, успеа да ја одржи макроекономската стабилност.

Госпоѓа Авировиќ истакна дека кризата која започна кон крајот на 2008 година и првата половина на 2009 година беше финансиска криза, но која за разлика од реалниот, не се одрази многу негативно врз македонскиот финансиски сектор. Ова делумно се должело на конзервативноста на македонскиот банкарски и финансиски сектор, неговата мала вклученост во глобалните финансиски движења. 

„Доброто владеење и управување со јавните финансии станува компонента од фундаментална важност и фактор на меѓусебна корисност на сите земји. Треба да се утврди стабилност во утврдените даночни политики, на среден и долг рок да се зајакне фискалната дисциплина, навреме да се обезбеди алокација на расположливите средства кои се детерминирани во стратешките приоритети, пред сè економски раст, подобрување на конкурентноста, повисока стапка на вработеност, продолжување на борбата против криминалот и корупцијата“, истакна г-ѓа Авировиќ.

Таа додаде дека изминатиов период Република Македонија води прудентна фискална политика насочена кон разумен баланс меѓу одржување на макроекономската стабилност и поттикнување на економскиот раст, зајакнување на приватниот сектор и отворање на нови работни места. Тоа подразбира ниски стапки на буџетски дефицит и државен долг, зголемување на капиталните инвестиции и стабилност на девизниот курс на денарот.

На семинарот, кој се одвива во две работни сесии, учествуваат еминентни европратеници кои работат во Комисијата за економски и монетарни работи на Европарламентот и претставници од парламентите на земјите од Западен Балкан. Во Македонската собраниска делегација, уште се и членовите на Комисијата за економски прашања: г. Николче Ацевски, г. Драган Цуклев и г-ѓа Јулиета Марку.

Click