Активности

Вторник, 3 декември 2013 година
 
Работна средба на Интер-партиската парламентарна група за правата на лица со хендикеп
 
Интер-партиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп, на 2 декември 2013 година, одржа работна средба во Собранието на Република Македонија.

На средбата на ИППГ учествуваа претседавачот г. Павле Саздов, заменик-претседавачите г-ѓа Лилјана Поповска и г. Бехиџудин Шехаби, како и членовите: Сузана Анова, Кенан Хасипи, Весна Пемова, Драган Цуклев, Надица Танчева-Тулиева, Трајчо Димков, Бети Кузмановска, Самка Ибраимоски, Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, Хајрије Мисими и Хајрула Мисини.

На средбата присуствуваа и претставниците на Полио Плус - движење против хендикеп, Елена Кочоска и Томислав Ортаковски.

Досегашниот претседавач на ИППГ, г. Павле Саздов информираше за досегашното работење на истата, истакнувајќи ги најзначајните активности, учеството на конференции, и, пред сè, донесувањето и имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.

По обраќањето, г. Павле Саздов ја пренесе претседавачката позиција на г. Илија Димовски.

Во својство на  претседавач, на Интер-партиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп ѝ се обрати г. Илија Димовски, кој истакна дека претседавањето со ИППГ за него претставува предизвик, пред сè како личност, а ИППГ, најблагородна форма на обединување на пратениците како претставници на сите партии, со една единствена заедничка цел.

Во понатамошното обраќање изрази надеж за интензивирање на работата и активностите на ИППГ, преку иницијативи, пратенички прашања, информации итн., претворајќи ја ИППГ во медиум за соработка со институциите и министерствата, во смисла на подобрување на законските стандарди и подобра имплементација на истите, како и имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност која претставува устав за правата на лицата со хендикеп.

Во дискусијата се вклучија и пратениците Светлана Мазгалоска Вучетиќ,  Кенан Хасипи, Лилјана Попоска и Бехиџудин Шехаби, изразувајќи поддршка за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност и свое лично залагање за сензибилизација на општеството и подобрување на условите за живот на лицата со хендикеп.

На крај, претставникот на Полио Плус - Елена Кочоска,  ги информираше членовите на ИППГ за Конференцијата што ќе се одржи по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со хендикеп и одбележување на 10 години од постоењето на Интер-партиската парламентарна група за  правата на лицата со хендикеп. 
Click