Активности



Вторник, 15 јануари 2013 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА НА ПРАТЕНИЦИ ОД ГРУПАТА ЗА БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА СО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ОД ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ НА ИНДОНЕЗИЈА

На почетокот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го поздрави досегашниот развој на пријателски односи меѓу двете држави, при што искажа и уверување дека во иднина тие ќе бележат позитивен развој и зголемена динамика во повеќе области. Претседателот Вељаноски, исто така, истакна дека Република Македонија и Собранието вложуваат напори за воспоставување и развивање на политичкиот дијалог и почести контакти и средби.

На средбата стана збор и за парламентарната соработка, претседателот Вељаноски подвлече дека таа треба да се интензивира и тоа на сите нивоа, од средби на групите за пријателство помеѓу двата парламента, средби на парламентарните комисии, па до ниво на претседателите на парламентите, што секако ќе даде голем придонес во целокупните односи.

Претседателот Вељаноски истакна дека токму парламентарната соработка, на која тој гледа како соработка меѓу народите, и во иднина ќе дава голем придонес за натамошно развивање на целокупните односи меѓу државите.

Во однос на стратешките определби, претседателот Вељаноски ја информираше Делегацијата на Претставничкиот дом на Индонезија дека Република Македонија, како и досега, останува на приоритетите за членство во НАТО и Европската унија.

Шефот на Делегацијата, г-ѓа Вера Фабјанти, заблагодарувајќи се за денешната средба, ја претстави својата делегација и го запозна претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со тековните политички и економски состојби во Индонезија.

Таа, исто така, истакна дека Република Македонија и Индонезија имаат воспоставено билатерални односи уште од 1993 година и дека во досегашниот период соработката не била интензивна, иако се работи за две пријателски држави.

Госпоѓа Фабјанти потврди дека и за Индонезискиот парламент е значајна парламентарната соработка и пренесе покана претседателот на Собранието на Република Македонија во наредниот период да ја посети Индонезија.

Click