Активности



Вторник, 26 ноември 2013 година

Вишеградската група на земји - пример за соработка и помагање на соседите

Координаторите на Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, односно г-ѓа Силвана Бонева, г. Игор Ивановски, г. Неџати Јакупи и г. Имер Алиу, остварија средби со Делегација на политичките директори на Вишеградските земји, придружена од извршниот директор на Вишеградскиот фонд, г-ѓа Карла Вустерова.

Сите координатори изразија благодарност за посетата и поддршката која ја добива Република Македонија во евроинтеграциите од страна на Вишеградската група на земји, односно од Унгарија, Чешка, Полска и Словачка, Група која е пример за соработка и помагање на соседите.

Политичките директори истакнаа дека се дојдени во посета затоа што се заинтересирани како можат да помогнат за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, да се запознаат со ситуацијата на етничките групи во нашата земја, спорот за името, како и со односите со соседните земји.

Тие беа запознаени со проблемот со кој се соочува нашата земја со спорот за името, поради кој сме блокирани за членство во ЕУ и НАТО, и покрај исполнувањето на копенхашките критериуми, дека тоа е проблем кој ни штети и политички и економски.

Координаторите искажаа свои ставови и во однос на Охридскиот рамковен договор, меѓуетничките односи, за правата на Албанците, за состојбата во законодавството, администрацијата и слободата на медиумите.

Беше побарано, во рамките на своите можности, Вишеградската група да изврши притисок да се почитува меѓународното право и паралелно да тече процесот на преговори за членство и изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за името, кое нема да штети на идентитетот, јазикот и традицијата на македонскиот народ.

Гостите истакнаа дека сакаат да ја видат Македонија во ЕУ и НАТО, но без оглед на тоа дали на краток рок ќе го решиме проблемот со името, треба да се фокусираме и на други прашања и дека треба најпрво да постои внатрешна согласност, додавајќи дека и тие започнале како земји конкуренти, но се изградиле во земји соработници.

Вишеградските политички директори понудија отворена врата за соработка, споделување на искуства и дискусии, притоа изразувајќи задоволство што иако од координаторите слушнале различни ставови по исти прашања, севкупната проценка е дека сите се едногласни кога станува збор за членството во ЕУ и НАТО.

Click