Соопштенија

Четврток, 2 мај 2013 година
 
Вистината и почитување на правилата на ПССЕ мора да се на прво место

Почитувани,

По повод денешниот објавен текст во одредени медиуми за искажувањата на пратеникот од Швајцарија во ПС на Совет на Европа, г. Андреас Грос, а доколку истите соодвествуваат на навистина кажаното од негова страна, би сакал да ја информирам јавноста за следното: Република Македонија е полноправен член на Советот на Европа. Како таква со него и претседаваше во 2010 година. Република Македонија е во пост- мониторинг дијалог со Советот на Европа врз основа на кој еднаш на неколку години се поднесува и усвојува извештај од страна на ПС на Совет на Европа. Следниот извештај за Република Македонија треба да биде усвоен на јунската сесија на ПССЕ. Истиот во овој момент е во работна нефинална верзија и е класифициран, односно строго доверлив. Како таков е забрането да биде коментиран од кого било во јавноста и македонската делегација во ПССЕ се држи строго до овој принцип, како и речиси сите пратеници во ПССЕ. Но, пратеникот Андреас Грос иако долги години е во ПССЕ, сепак решил на одреден начин да ги прекрши процедурите од само за него познати причини. Тоа го осудувам и повикувам да се остане на почитување на правилата на ПССЕ. Дали извештајот содржи одредени нешта или не, ќе дознае јавноста штом тој ќе биде декласифициран според правилата на ПССЕ.

По однос на неговата изјава дека повеле иницијатива за разгледување на функционирањето на демократијата во Македонија во однос на настаните од 24 декември и дека истата, по одлука на Бирото на ПССЕ, ќе биде дел од извештајот за Македонија, би сакал да кажам дека тоа е апсолутно неточно. Точно е дека имаше таква иницијатива, но точно е и дека Бирото одлучи таа иницијатива да не се разгледува како посебна точка во ПССЕ, што значи ја одби. Тоа може лесно да се провери затоа што агендата за јунската сесија е достапна и таму нема никаква точка за функционирањето на демократијата во Македонија. Единствената точка поврзана со Република Македонија е извештајот за пост- мониторинг дијалогот со ПССЕ, којшто повторуваме во овој момент е строго доверлив и не може да биде достапен на јавноста. Причините за ваквата манипулација можеби лежат во неуспехот на пратеникот Андреас Грос неговата иницијатива да ја наметне како посебна точка во ПССЕ, можеби лежат и во некои други мотиви, но сепак какви и да се мотивите на прво место мора да е вистината и почитувањето на правилата на ПССЕ.

Доколку овие негови изјави се коректно пренесени, јас истата оваа забелешка ќе је пренесам и лично на пратеникот Андреас Грос при нашата  средба во Софија следната недела, кадешто заеднички сме дел од деветчлената ад- хок комисија за набљудување на парламентарните избори.

 
Со почит,

Александар Николоски

Шеф на македонската делегација во ПС на Совет на Европа

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Click