Соопштенија



Четврток, 17 јануари 2013 година

Мешовитиот парламентарен комитет во посета на Големото народно собрание на Република Турција

Во рамките на билатералната соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Република Турција, на иницијатива на копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија, Делегација од овој Комитет, денеска ќе оствари официјална посета на Големото народно собрание на Република Турција.

Посетата е во функција на споделување на искуства со претседателот и членовите на Мешовитиот парламентарен комитет Република Турција-Европската унија за модалитетите на работа, начинот на функционирање и улогата на овој Комитет во процесот на целокупното евроинтегрирање на Република Турција и нивна евентуална примена во работењето на нашиот Комитет. 

Република Македонија и Република Турција се со повеќегодишно искуство зад себе во евроинтегративните процеси - Република Турција ги отпочна преговорите со Европската унија уште во декември 2004 година, додека Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат една година подоцна.

Посетата е од особено значење од аспект на пренесувањето на искуствата за начинот на надминувањето на сите проблеми и потешкотии со кои се соочила Република Турција, односно нејзиниот парламент, во овој сложен процес на пристапување и хармонизирање на законодавството.

Стекнувањето на овие искуства на непосреден начин, преку директни контакти со пратеници од Големото народно собрание на Република Турција кои работат во комисиите и органите за евроинтеграција, ќе придонесе за сеопфатно осознавање на улогата на парламентите на земјите-кандидати во целокупниот процес на евроинтегрирањето, кое за крајна цел го има стекнувањето на полноправно членство во Европската унија.

Особено е значајно искуството на Турскиот парламент, поради традиционално добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, особено што Република Турција е земја која е вистински и многупати докажан искрен пријател и неуморен поддржувач на европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија.

Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија е во состав: г. Кенан Хасипи, копретседавач на овој Комитет; г-ѓа Силвана Бонева и г. Александар Спасеновски, членови на Комитетот и г-ѓа Дешира Имери, заменик-член на Комитетот.

Click