Соопштенија

Четврток, 23 мај 2013 година
 
Учество на пратеникот Александар Николоски на Мониторинг комисија во Талин

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски, ќе учествува во работата на седница на Мониторинг комисијата која на 23 и 24 мај ќе се одржи во Талин, Естонија. 

На Мониторинг седницата ќе се разгледува нацрт-резолуцијата и нацрт-препораката за постмониторинг дијалогот со Република Македонија за исполнување на обврските преземени при приемот во Советот на Европа. По усвојувањето на документот на седница на Комисијата, тој ќе се најде на пленарна седница во текот на летната сесија на ПС на СЕ во јуни 2013 година, што е вообичаена постапка за земјите кои се наоѓаат во постмониторинг дијалог. Извештајот покрива прашања кои се однесуваат на процесот на евроинтеграции на Република Македонија, борбата против корупцијата, пост-изборните настани, функционирањето на Парламентот, Охридскиот рамковен договор, реформата на судството, ситуацијата со бегалците и внатрешно раселените лица, борбата против трговијата со луѓе, ситуацијата со Ромите, прашањето на лажните баратели на азил, резултати и проценка на парламентарните избори одржани на 5 јули 2011 година.

Покрај точката за Република Македонија, на седницата ќе се разгледува и извештајот  за напредокот на мониторинг постапката на Парламентарното собрание, а пратениците ќе разгледуваат и повеќе актуелни теми, како информациите за одржаните парламентарните избори во Монако и во Бугарија. 

Во рамките на состанокот на Мониторинг комисијата ќе биде одржана расправа за замрзнатите конфликти, со особен акцент на конфликтите  во Абхазија и Јужна Осетија, Нагорно Карабах и Транснистрија.
Click