Собраниско раководство

Вторник, 23 април 2013 година, Никозија, Република Кипар

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција на претседатели на земјите-членки на ЕУ и кандидатите за членство на тема „Социјална кохезија во услови на органиченост: што можат да сторат националните парламенти" 

Почитувани колеги,

Од почетокот на 20. век, човештвото се соочува со невидени демографски промени. Ова се должи во голема мера на намалувањето на стапката на наталитет, животниот век и миграциските текови. Во Европа, овој феномен доби свое име „општества кои стареат“. Статистиките покажуваат загрижувачки бројки. Ситуацијата со населението нема значително да се промени во 2060 година, но ќе преовладува двојно постаро население од 65 години.

Економските кризи го потресоа светот, вклучително и европскиот континент. Кризите наложија преземање одговорни одлуки од страна на европските политичари и поголема солидарност меѓу граѓаните за изнаоѓање на решение за одржлив раст и развој, конкурентност и социјална кохезија во глобални рамки. Проблемот со невработеноста, кој беше присутен и пред финансиската криза со нееднаква диструбуција во земјите-членки, значително се влоши во тие земји што и претходно беа повеќе погодени, но не ги избегна ни оние кои беа за пример во Унијата. Што е уште позагрижувачки, таа невработеност сè уште расте и најмногу ги погодува младите на возраст под 30 години.

Голем број на млади лица рано го напуштаат образованието и имаат потешкотии со изнаоѓање работа поради несоодветните квалификации. Тешката економска состојба принудува дел од нив да ја напуштат државата и да побараат работа на друго место.

Последиците од економската криза сериозно се одразија на економиите во сите земји-членки на Унијата и во земјите-кандидати, што е уште еден доказ дека кризата не познава граници, етнос, народи, раси, вера, пол, религија и припадност. Донесувањето на Лисабонскиот договор постави добра основа за социјална кохезија, предвидувајќи одржлив развој заснован на балансиран економски раст и стабилност на цените, конкурентна социјално-пазарна економија, вработување и социјален напредок и борба против социјалната екслкузија. Петте клучни приоритети од Стратегијата Европа 2020 се предизвик за сите земји-членки, но и за сите земји кои аспирираат да станат членки на Унијата.

Република Македонија презеде серија на мерки и активности за ублажување на последиците од економските кризи. Владата презеде активности за вработување на младите лица преку разновидни програми за самовработување, грантови, кредитирање и субвенционирање. Со преземање на реформи во економските, образовните и политиките за вработување, Владата настојува системски и на долг рок да воспостави механизми за справувување со невработеноста, зголемување на можноста младите лица, долгорочно невработените и особено невработените жени да најдат работа и/или да се стекнат со вештини и знаење.

За да го зголеми претприемачкиот дух, особено кај младите и невработените лица, преземени се серија активности за поттикнување и започнување на сопствени бизниси преку обезбедување неповратна финансиска поддршка. Тоа непосредно придонесе за создавање на нови работни места особено за младите. Донесена е потребната регулатива за минимална плата, а значителни чекори се преземени во субвенционирање на вработување, финансиска поддршка и развој на вештини на ранливите групи, маргинализираните групи и лицата со посебни потреби. Потребите налагаат да се продолжи и со буџетската поддршка за образование на возрасните и за обука за професиите за кои постои побаравувачка на пазарот. Значителен дел на овие реформи беа реализирани со финансиска помош на Европската унија, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Проблемот со намалувањето на наталитетот и стареењето на населението е проблем и во Република Македонија. Забрзаното темпо на живот, невработеноста, сиромаштијата придонесуваат за сè помал број на многудетни семејства и се помал број на склучени бракови. Владата на Република Македонија започна капитален проект за доживотна финансиска поддршка на сите жени кои ќе се решат на трето или повеќе деца, сакајќи на тој начин да ја олесни положбата на жената во општеството и семејството.

Во однос на подобрувањето на деловната клима и привлекувањето на странски инвестиции, Македонија направи темелни реформи што ја постави на 6-то место според критериумот за отворање на бизниси според Дуинг бизнис, погласувајќи ја за лидер во регионот.

Последната мисија на ММФ ја оцени Република Македонија како земја со стабилна економија и макроекономски перформанси, и покрај тоа што се наоѓа во услови на тешки опкружувања, предвидувајќи и можен раст од два насто до крајот на оваа година, што е за поздравуваење за една земја-кандидат за членство во ЕУ, имајќи го предвид фактот дека вакви прогнози немаат ни сите членки на Унијата.

Каде се парламентите и која е нивната улога на тој план? Собранието на Република Македонија има доста направено на овој план, преку организирање на јавни расправи од страна на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Националниот совет за евроинтеграции, каде пратениците изворно ги слушаат мислењата на цивилното општество и експертите од оваа сфера и ги земаат во предвид пред конечното усвојување.

Вештината на едно општество е да осигура добросостојба на сите граѓани, да ги минимализира разликите и да избегне маргинализација и така да обезбеди социјална кохезија. Политиката е умешност на можното. Наша заедничка задача е да го направиме можното, реалност за граѓаните.

Благодарам на вниманието.
Click