Собраниско раководство

Понеделник, 22 април 2013 година, Никозија, Република Кипар

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на ЕУ, на тема „Приближување на граѓаните кон ЕУ“       

Почитувани колеги,

Транспарентноста и отвореноста на парламентите се значајни инструменти во практикувањето на демократијата. Парламентите самите треба да се погрижат да ги искористат можностите кои им стојат на располагање за да бидат отворени кон јавноста и граѓаните. Конкретно, можам да истакнам дека активностите во Собранието на Република Македонија се целосно транспарентни, при што секоја пленарна сесија, секоја комисиска седница, јавни и надзорни расправи, како и сите други парламентарни активности се пренесуваат на Парламентарниот телевизиски канал.

Во ова насока, особено е значајно што парламентарните активности поврзани со ЕУ интегративните процеси, особено го привлекуваат вниманието на јавноста и граѓаните. 

Сепак, во транзиционите и постранзиционите општества, како што е македонското, и на самите парламенти им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите и поголем респект од страна на другите политички субјекти за да можат да ја достигнат својата клучна улога во демократскиот живот.

Кога, пак, државата е во процес на пошироко интегрирање, поддршката на парламентите треба да е недвосмислена и однадвор од меѓународните субјекти.

Битката за респектиран парламент како централна демократска институција се одвива во повеќе држави и оваа смисла, соработката меѓу националните парламенти е повеќе од неопходна. Меѓусебното поддржување може да стане значаен фактот во поединечното етаблирање на секој парламент.

Собранието на Република Македонија, од 2005 година наваму, организира Денови на Собранието, односно Отворен парламент, кога преку организирани посети на групи на деца од градинки, на ученици од основните и средните училишта, на студенти, на лица со посебни потреби, како и на сите заинтересирани, им се овозможува непосредно запознавање со работата на Парламентот.

Преку пригодно одбележување на Денот на Европа - 9 мај, граѓаните се информираат за активностите на нашиот Парламент во севкупниот процес на евроинтеграција на земјата, како и за улогата на Собранието во тој процес.

Со Проектот ИПА за Собранието 2011- 2012, како една од основните негови компоненти, покрај реализирањето на серија едукативни семинари и работилници за пратениците и службениците, беше и формирањето на ЕУ катче во Собранието, кое се отвори минатата година.

ЕУ центарот во Собранието е сместен во простории каде е планирано влегувањето на граѓаните да биде непречено и каде сите заинтересирани граѓани, преку брошури, книги, списанија и други публикации, како и преку интернет пребарување, ќе имаат можност да се запознаваат со функционирањето на  институциите на Европската унија,  донесувањето на одлуки, нивната имплементација, како и за сите останати прашања.

Особено, се очекува, по завршувањето на реконструктивниот зафат врз зградата на Собранието, овој Центар да започне да ги реализира предвидените активности по примерот на другите вакви ЕУ парламентарни центри.

Интернет-страницата на Собранието претставува извонредна алатка за транспарентно и ажурирано информирање на граѓаните за работата на Собранието, и како активен чинител во севкупните евроинтеграциони процеси.

На самиот сајт достапни се огромен број информации за работата на Националниот совет за евроинтеграции, надпарламентарно тело, кое има своја активна улога во евроинтегративниот процес и кое обединува претставници, не само од законодавната и извршната власт, туку и од граѓанското општество, верските заедници, МАНУ, здружението на новинарите и на локалната самоуправа. Советот, во рамките на своите надлежности, организира јавни дебати на кои се поканувани експерти и претставници од цивилниот сектор, кои учествуваат во работата со свои предлози.

Граѓаните имаат широк увид и во работењето и активностите на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, парламентарно тело надлежно за директна комуникација со Европскиот парламент, основано согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со Европската унија.

Покрај сите документи од надлежност на ова тело, материјали сврзани со состаноците на ова тело кои се одржуваат двапати годишно, нашата Делегација во Мешовитиот парламентарен комитет, веќе трета година, секој месец, на англиски јазик, издава Билтен за Собранието и ЕУ, во кој се опфатени сите евроинтегративни парламентарни активности.

Билтенот, кој е достапен на интернет-страницата, електронски се доставува до широк дијапазон на приматели во земјата и во сите други земји-членки.

Мешовитиот комитет организира и тематски јавни расправи, наменети за запознавање и дебатирање, на кои се поканувани претставници на граѓанското општество.

Своја улога во приближувањето на граѓаните кон Европската унија имаат и директните контакти на граѓаните со пратениците, кои се реализираат преку електронската пошта на пратениците, како и во канцелариите за контакти во изборните единици од каде се избрани. Преку овој начин на комуникација, граѓаните имаат изворна можност да се информираат за сите прашања од нивен интерес, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со Европската унија. Соодветни активности за отворена комуникација со граѓаните се предвидени и во рамките на новооснованиот Парламентарен институт.

Во Република Македонија, граѓаните, во континуитет, даваат огромна поддршка кон нашето интегрирање во Европската унија. Тоа го покажуваат сите истражувања на јавното мислење, од осамостојувањето на државата до денес.

Сепак, постојаното одложување на почетокот на преговорите со Европската унија, може да почне да ја слабее огромната поддршка која ја даваат граѓаните. Дополнителните отповарувања и неизбалансирани притисоци, можат само да го опаднат ентузијазмот и подготвеноста за реформи.

Сработеното на евроинтеграциониот пат треба да се почитува и валоризира. Особено, треба да се почитува парламентот и да се вреднува сето она што досега го има дадено како свој придонес.

Процесот на нашето евроинтегрирање мора да се придвижи напред, да се направи неопходниот исчекор и конечно да почнат преговорите за членство.

Благодарам на вниманието.
Click