Собраниско раководство



Понеделник, 15 април 2013 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Меѓународната конференција „Европска интеграција низ соработката на парламентите, граѓанското општество и независните регулаторни тела во ЈИЕ - размена на искуства и позитивни практики"

Почитувани пратеници,
Почитувана г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја,
Почитуван г. Фатмир Бесими,
Почитувани екселенции:
г. Аиво Орав,
г. Пол Волерс,
г-ѓа Гудрун Штајнакер,
Почитуван г. Диого Пинто,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Парламентите се централната демократска институција во современото општество. Но, за да можат вистински и целосно да ја играат улогата на клучна институција во политичкиот систем, парламентите треба да бидат почитувани од сите учесници во политиката. Во транзиционите општества на парламентите им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите и поголем респект од страна на политичките партии за да можат постепено да ја достигнат својата клучна улога во демократскиот живот. Кога, пак, државата е во процес на пошироко интегрирање, поддршката на парламентите треба да е недвосмислена и од надвор, од меѓународните субјекти.

Политиката често ја дефинираат како вештина на можното, вештина на мобилизирање и обединување на позитивните можности во една држава.

За Република Македонија клучен предизвик сите овие години, од осамостојувањето до денес, е како да создадеме функционална и респектирана централна демократска институција - парламент, или поинаку речено, како да го исполниме демократскиот потенцијал кој уставно му припаѓа на парламентот. Институционална мисија која е суштинска за вкупниот напредок затоа што нема завршување на транзицијата без етаблиран, функционален, демократски парламент. Парламент во кој се одвива балансиран процес на претставување на различните мислења и интереси и во кој мнозинството легитимно настојува да го реализира ветеното пред граѓаните, но и процес во кој се води дијалог и во кој се бараат и се изнаоѓаат и заеднички решенија.

Битката за демократски силен и респектиран парламент се одвива во многу држави и во оваа смисла соработката меѓу националните парламенти е повеќе од неопходна. Меѓусебна соработка и поддржување можат да станат значаен фактор во поединечното етаблирање на секој од нив. Покрај меѓусебното поддржување во насока на национално зајакнување, парламентите можат да добијат пошироко значење и преку остварувањето на т.н. парламентарна дипломатија, преку која можат да се отворат дипломатски врати кои се потешки за отворање од извршните власти задолжени за водење на надворешните политики. 

Само силен и почитуван парламент може да придвижи реформи во една држава и реално да врши контрола врз власта. А контролната улога на парламентите е од суштинско значење и таа не може да се остварува соодветно без постоење на независни регулаторни тела одговорни за заштита на граѓанските права и за контролата на законитоста во работата на јавната власт. Градењето на демократските институции не е никогаш докрај завршен процес, а улогата на независните регулаторни тела во тој процес постојано се зголемува.

Функционирањето на независните регулаторни тела за земјите од Југоисточна Европа е од значење и во однос на остварување на европските стандарди. Во оваа смисла, во легислативата треба уште од сега да ги следиме европските достигнувања на овој план, со цел во иднина да не се соочиме со многу потешки обврски.

Независните регулаторни тела се востановени заради превентивно укажување на повредите што е особено неопходно во времето на транзиција. По својот состав земјите на Процесот на соработка во Југоисточна Европа овозможуваат широк дијапазон на размена на искуствата: од оние кои како кандидати и аспиранти допрва востановуваат вакви тела, до членките на Европската унија кои веќе ги практикуваат европските препораки за статусот и надлежностите на овие независни тела.
Размената на искуства на регионална основа придонесува и за зголемување на транспарентноста во однос на медиумите и јавноста. Во оваа смисла, потребна е континуирана регионална соработка која ќе придонесе кон подобрување на односот меѓу парламентите, регулаторните тела и цивилното општество.

Надлежноста на парламентот и независните регулаторни тела во однос на повредата на законитоста, понекогаш се преклопуваат. Притоа, треба да се има предвид дека независните регулаторни тела не се замена за органите на власта, туку со своите препораки и активности можат да придонесат, помогнат и да ја забрзаат нивната работа.

Инаку, постојано е присутна опасноста извршната гранка на власта да ги преовлада и преземе функциите кои им припаѓаат на другите гранки на власта и на цивилното општество. Парламентот е институционална рамка за надминување на таков вид узурпација во однос на функционирањето на независните регулаторни тела.

Омбудсманите се особено важни медијатори меѓу граѓаните и државната администрација. Во парламентите, вклучувајќи го и Собранието на Република Македонија, тие пред сè укажуваат на појавите на јазот меѓу законитоста и праксата. Стратешка потреба на омбудсманите во нивната работа е транспарентност и обезбедување на поддршка од граѓаните. Годишните извештаи се силно оружје во рацете на омбудсманите за информирање и алармирање на јавноста за состојбата со човековите права во земјата. Од нив треба да произлезат препораки и инструкции за другите државни институции, а особено за извршната власт.

Со оглед дека препораките на овие тела не се задолжителни, организациите на цивилното општество и јавноста се од исклучителна важност заради создавање на општествен притисок за нивна имплементација. Во тој контекст, регулаторните тела и цивилното општество се природни сојузници. Тоа особено се однесува на појавите на корупција и антидискриминација.
Потребна е постојана граѓанска и парламентарна поддршка на регулаторните тела во остварување на нивната функција. Таа е од големо значење за промоција на демократските процеси и владеењето на правото во земјите на Процесот на соработка во Југоисточна Европа.

 Заклучоците и препораките од претходната конференција, одржана пред една година во Белград, се израз на заинтересираноста за овој вид дијалог на релација парламенти, независните регулаторни тела, цивилното општество односно јавноста. Но, тоа не е крај, туку, како што покажува и денешната средба, продолжување на нов вид соработка и синергична регионална активност во корист на граѓаните и заштитата и унапредувањето на нивните права.

Институционализација и функционирањето на овие тела има суштинско значење за секоја демократија, а посебно таму каде што е во тек процесот на трансформации и реформи. Владеењето на правото и остварувањето на малцинските, родовите и други човекови права спаѓа во редот на најпредизвикувачки и најбарани задачи за парламентите и другите структури на власта, како и за општеството во целина.

Регулаторните тела кои делуваат независно и професионално се индикатор за стабилно, плуралистичко општество, во кое се почитува одговорност пред сопствените граѓани. Тие треба да делувааат на безбедна оддалеченост од сите потенцијални извори на влијание - извршната власт, политичарите, бизнис и други интересни групи. Парламентите, како вистински репрезенти на народната волја, се простор кој ја зацврстува нивната улога и делување како вистински независни регулаторни тела.

Адекватната легислатива и нејзината примена, кога се во прашање регулаторните тела, е дел од критериумите кои земјите-кандидати или аспиранти треба да ги исполнат на патот кон Европската унија. Интеракција меѓу парламентите и телата е прашање на создавање на добро законодавство и негово соодветно функционирање. Нераскинлив дел од тој механизам за евалуација и набљудување на квалитетот, ефикасноста и транспарентноста на работата на регулаторните тела е цивилното општество.

Земјите-членки на Процесот на соработка во Југоисточна Европа кои се членки на Европската унија и оние кои се во процесот на евроинтеграција, преку размена на добрите практики, можат во оваа област да ја изразат регионалната солидарност и соработка. Таа, од владини простори се проширува на општествата од Југоисточна Европа - кои се развиваат во правец на општоевропско граѓанство.

Промените не се остваруваат само со носење на законите, туку мора да бидат проследени со промена на свеста во однос на позицијата на различните носители и учесници во процесот на одлучување и имплементација на одлуките.

Во Собранието на Република Македонија претстои воведување и примена на неколку нови механизми кои ќе го подобрат законодавниот и контролниот процес преку поголемата вклученост и на невладиониот сектор и на независните регулаторни тела. Механизмите кои ќе го помогнат овој процес подразбираат поактивно учество при изготвувањето на новите закони и промената на постојната регулатива кога тоа е иницирано од самите пратеници во Собранието. Преку примената на соодветна методологија за процената на влијанието на законите во парламентот, како во делот на јавните расправи, така и во делот на следењето на имплементацијата во делот на надзорните расправи. Значајна нова улога во овој процес ќе имаат комисиските сегменти од парламентарната служба заедно со Парламентарниот институт. Исто така, очекуваме поголема вклученост на граѓанскиот сектор и преку пратеничките канцеларии кои наскоро ќе бидат опремени со информатички софтвери кои ќе ја олеснат меѓусебната комуникација.      

Дами и господа,

Јакнењето и на суштинските и на техничките капацитети на парламентот е наша заедничка задача. Тоа е задача и мисија на нас пратениците, на политичките партии, на јавноста и со оглед на стратешките интеграциони процеси и на меѓународните претставници.

Секоја држава минува низ периоди на демократски искушенија, па затоа мораме да бидеме целосно јасни, во оној момент кога парламентот ќе стане обична алатка за груба меѓусебна политичка пресметка, губи целата земја. Во тој тажен момент на поткопување на основниот столб на демократијата и поредокот, најмногу се изневеруваат граѓаните. Тогаш се доведува во прашање и смислата и на изборната компетитивност и на политичката коректност, а конструктивноста станува мислена именка.

Затоа, мојата порака и повик е недвосмислен: да ги консолидираме заедничките сили и да го зајакнеме парламентот, во него да расправаме отворено и директно, да ги донесеме потребните закони и да ги спроведеме реформите, постојано да ја контролираме власта и будно да ја следиме примената на законите. И се разбира, да ги дополниме законските механизми и алатките за да го направиме сето ова.

Имаме Закон за Собранието, кој го донесовме после Конференцијата во Вилтон Парк. Во него, заеднички, вградивме повеќе механизми за јакнење на нашиот капацитет. Донесовме нов Деловник за поефикасно работење кој е отворен за оптимализирање. За наше добро и меѓусебно почитување и разбирање треба да донесеме и парламентарен етички кодекс. Имаме предлог-текст, кој е добра основа.

Но, почитувани пратеници, треба да размислиме и за идентификување на другите суштински механизми со кои положбата на парламентот во политичкиот систем ќе ја допрецизираме и зајакнеме.

Благодарам.

Click