Собраниско раководство



Петок, 12 април 2013 година
 
Обраќање на претседателот Вељаноски на Регионалната конференција на ИПС стипендисти 2013

Почитувани колеги пратеници,
Почитувани дами и господа,

Живееме во време на постојани промени и реформи, време во кое знаењето е клучен фактор во напредокот на секоја земја. Нашиот свет би било ужасно место ако на секоја епоха нема да и понуди нешто за истражување. Но, природата, а особено општеството, не ги открива сите свои тајни одеднаш и на сите. Знаењето е еволутивен процес, процес на напуштање на старото и прифаќање и приспособува кон новото. Дел од вредностите се трасформираат и заменуваат со нови и свежи приоди и решенија. Политичкото знаење можеме да го замислиме како водотек. Тоа мора да тече, да се усовршува од поединец до поединец, од генерација на генерација, од земја на земја, од парламент на парламент. Ако се ограничи и присвои само за себе или за мала група на луѓе, станува мртво, лажно знаење, слично на водата која стои во бара. По извесно време во неа се акумулира правот и таа започнува да застојува. Затоа и пренесувањето на искуствата и вештините кај младите генерации, односно непрекинатиот тек на демократската и политичката едукација, претставува една од повозвишените, но и посложени активности. 

Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) е традиционална активност на Германскиот бундестаг односно проект на германскиот парламент кој дава можност на млади политички ангажирани луѓе од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламенарниот систем на Сојузна Република Германија. Со ваквата соработка се поттикнува стекнувањето на знаења за парламентарната демократија во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа и практично се запознава политичкиот, академскиот, економскиот и културниот живот на Сојузна Република Германија.

Во оваа смисла, би сакал да го искажам моето задоволство што од оваа година покровителството за ИПС стипендиите го преземам и непосредно како претседател на Собранието на Република Македонија.

Воедно, сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам што досега триесеттина млади луѓе од Република Македонија имаат учествувано во оваа драгоцена програма. Низа млади интелектуалци со солидни достигнувања и одлични стручни, социјални, јазични и меѓукултурни квалификации од земијите кои учествуваат во ИПС програмата успешно ја завршија соодветната пракса. Овие млади и мотивирани стипендисти денес се стручни лица во своите професии и амбасадори на германските и европските концепти за соработка, парламентарна демократија и соживот, со кои потемелно се запознаа благодарение на ИПС програмата.

И во иднина очекувам да продолжи успешната реализација на оваа програма и заеднички да им дадеме извонредна можност младите луѓе да се запознаат со политичкиот, академскиот, економскиот и културниот живот на Сојузна Република Германија пренесувајќи ги и практикувајќи ги притоа овие драгоцени искуства назад во своите земји.

Наш стратешки приоритет е интеграција во евроатлантските структури. Оттаму, сите домашни политики, стратегии, законски рамки и вештини се усогласуваат со стандардите и условите за приклучување и влез во тие организации.

Државите во регионот, во кој се наоѓаме, сè уште се соочуват со заеднички недовршен процес на политичка, економска и културна транзиција, па затоа регионалната соработка мора да остане приоритет.

Имајќи го предвид регионалниот карактер на конференцијата и учеството на стипендисти од 10 земји од регионот, уште еднаш би сакал да ја искажам нашата безрезервна поддршка за можностите што Сојузна Република Германија ги нуди за градење на капацитетите на младите луѓе од Југоисточна Европа. Со ваквите облици на помош и соработка се поттикнува похармоничен и поизбалансиран одржлив развој, како и зајакнување на економската и социјалната кохезија.           

На крајот, уште еднаш, со задоволство би сакал да ја поздравам денешната конференцијата и на сите вам да ви посакам успешни професионални ангажмани.

Click