Собраниско раководство



Петок, 1 март 2013 година, Маврово

Обраќање на претседателот Вељаноски на отворањето на 50. Мавровски меморијал во нордиско скијање

Почитувани пратеници од Собранието на Република Макдонија, 
Почитуван градоначалник на општина Маврово и Ростуша,
Почитувани ветерани на скијањето, натпреварувачи,
спортски работници и љубители на спортот

Современото општество бара активно ангажирање на единките во секој аспект на животот. Бара да изградиме свој стил и начин на живот со цел да го подобриме квалитетот на живеењето во нашето општество. Велат дека една од најважните споредни работи на светот е спортот. Спортот има многу важна улога во активното користење на слободното време, а за многумина претставува професионална определба и животна пасија. Секој спорт е добредојден и за телото и за духот. Спортските активности во современите општествени услови представуваат интегрален дел од човековата дејност заради остварување на одредени општествени цели во областа на образованието, воспитувањето, културата, здравството, социјалната политика, одбарната и безбедноста, а во извесна мера и во афирмирањето на националните вредности.

Ми претставува особена чест и задоволство што оваа година на патеките на преубавото Маврово ќе се одржи традиционалниот јубилеен 50 годишен Мавровски меморијал, остварувајќи ги желбите и соништата на генерациите од  далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал - натпревар во нордиско скијање. Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година, кои се вистинскиот стожер кој ја краси нашата денешница. Да се потсетиме на младите градители кои на акцијата "Маврово - 48"  порачале ...машини доволно немаме, но имаме нешто друго, имаме срце и силна желба да ја изградиме нашата татковина, а тоа е посилно од секоја машина...

Традицијата продолжува, но и остварувањето на нашата визија да се најдеме во европската и светската елита во Нордиското скијање. Бисерот на македонскиот зимски туризам Маврово, со своите природни реткости го има капацитетот за развој на скијањето и спортскиот туризам. Македонија полека се приближува до останатите земји кои одамна го практицираат ваквиот развој. Искрено се надевам дека и понатаму ќе продолжиме да го градиме и подобруваме квалитетот и развојот на спортот во целина.

Оваа визија нè обврзува да вложиме уште поголеми напори кон конечната цел, Мавровскиот меморијал како ФИС натпревар да стане еден од најдобро организираните натпревари на Балканот. Овој скијачки натпревар претставува многу важен симбол за Македонија. Последните години интензивно се разработува стратегијата за подобар развој на Меморијалот.

Спортот како масовно движење делува во сите сфери и ги опфаќа сите генерации, со изградена инфраструктура за задоволување на неговите потреби, а посебно врвниот спорт во Република Македонија заслужуваат високо почитување. Резултатите на поединци и тимови кои со својот ентузијазам и сила дадоа сè од себе за постигнување на високите цели и за афирмација на македонскиот спорт на регионален и меѓународен план се за секоја почит и поздравување. Верувам дека Република Македонија, како спортска нација, со донесената Стратегија и Програмата за развој на спортот во Македонија 2013-2017 година, преку Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет и Скијачката федерација, ќе ги анимира спортските работници и младите да дадат сè од себе за развој на зимските спортови и за достоинствено претставување на својата земја.

Почитувани присутни,

Спортот е оној кој нè обединува, кој нè прави горди и достоинствени, кој нѝ го покажува патот за здрав и квалитетен живот. Со други зборови физичката активност, спортот го потикнува и доброто расположение и помага да останеме во добра работна форма. Во динамичнава денешница, каде постојано сме во трка со слободното време, сите треба да го прифатиме спортот како еден од механизмите за водење здрав живот. Затоа и заеднички треба да живееме во склад со слоганот: доброто здравје кое доаѓа од здравиот дух и  здравото тело значи здрава нација.

Дозволете ми да го прогласам 50. јубилеен мавровски меморијал, за отворен.

Благодарам!

Click