Активности

Вторник, 14 јануари 2014 година

Четириесет и втора седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и втората седница, одржана вчера, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај (второ читање);
  2. Предлог-законот за вонсудско спогодување (второ читање);
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот за индустриската сопственост (второ читање);
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност (прво читање).

- По Предлогот на закон за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, Комисијата претресе два амандмани поднесени од пратениците Марјанчо Николов, Самка Ибраимоски, Миле Андонов, Стојко Пауновски, Ленче Николовска, Панче Орцев и Борче Ставров.

Со по три гласа „за“ и шест „против“, Комисијата не ги усвои поднесените амандмани и го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија по Предлогот на закон за дополнување на Законот за индустриската сопственост и Предлогот на закон за вонсудско спогодување, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата за економски прашања му предложи на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе овие Предлог-закони.

- Потребата од донесување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, ја образложи министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

Беше истакнато дека целта на предложените измени и дополнувања е подобрување на квалитетот на услугата во дејноста туризам, подобрување на примената на законските одредби од страна на директно засегнатите субјекти, забрзување и поедноставување на процедурите и постапките при евентуално настанати спорни ситуации.

Основните начелата на Законот се ефикасност, правичност, достапност до информации и економичност. Основните решенија кои се нудат со предлозите за измена на Законот се воведување одредби за примена на Законот за електронска трговија, во случај непосредно давање услуги на патникот преку интернет од страна на туристичката агенција, допрецизирање на одредбите со кои се регулира статусот на туристичките агенции, посредници со лиценца Б при издавање пакет аранжмани за патување до крајните корисници, воведување одредби за издавање сертификати за водичи во планина од страна на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, воведување одредби за условите за вршење дејност туристички водич и придружник, рок на важност на легитимациите за туристички водич и туристички придружник, престанок и одземање на легитимацијата на туристичките водичи и придружници под точно определени услови.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања  со мнозинство гласови заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click