Активности

Петок, 14 октомври 2016 година

Деведесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната 96. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за даночни, царински и други фискални погодности во врска со одржувањето на УЕФА Супер Куп 2017 во Република Македонија, по скратена постапка;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на добивка, по скратена постапка;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи, по скратена постапка;
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), по скратена постапка;
  6. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките - II читање.

- Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за даночни, царински и други фискални погодности во врска со одржувањето на УЕФА Супер Куп 2017 година во Република Македонија, даде министерот за финансии, г. Кирил Миноски, при што истакна дека Извршниот комитет на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), на 29.6.2015 година на својот состанок одржан во Прага, Чешка Република, донесе одлука градот Скопје и Фудбалската федерација на Македонија да бидат организатори на Европскиот фудбалски Супер куп во 2017 година. 

УЕФА Супер купот е фудбалски натпревар кој го организира УЕФА и на кој учествуваат актуелните шампиони на Лигата на шампионите и Лига Европа. 

Во функција на непречено организирање и поддршка на настанот и давање на определени погодности во врска со истиот, се утврди потребата од пропишување на законска рамка со која ќе се уредат даночните, царинските и другите фискални погодности, како и условите, начинот и постапката на нивна имплементација во пракса. 

Се очекува одржувањето на УЕФА Супер купот 2017 да придонесе кон популаризација на фудбалот и на спортот воопшто, како и промоција на земјата, со оглед на тоа дека станува збор за глобален настан кој се пренесува во речиси секоја земја во светот. Од тие причини, одржувањето на УЕФА Супер купот 2017, чиј домаќин е градот Скопје, има карактер на настан од јавен интерес.

- Во воведното образложение по Предлогот на законот за дополнување на Законот за данокот на добивка, министерот за финансии истакна дека во насока на поддршка на развојот на спортот и постигнувањето на спортски резултати, се предлага да се извршат дополнувања во овој Закон со цел овозможување на даночни поттикнувања при давање на донации кон спортските федерации, МОК, спортските клубови и активни спортисти. 

Исто така, со предложените измени на законот се превидува дополнување со кое се определува даночниот третман на трошоците за сместување и превоз на лица кои не се вработени кај домашниот исплатувач, а кои се ангажирани во врска со извршувањето на работа кај исплатувачот во функција на неговата дејност.

- Министерот Миновски, во образложението по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување истакна дека Управата за јавни приходи при извршување на надлежностите утврдени со законот, постојано ја следи состојбата со утврдувањето и наплатата на придонесите и предлага мерки и активности за побрза и поедноставна наплата на придонесите и непречено остварување на правата од задолжително социјално осигурување на обврзниците за плаќање на придонес. 

Овој Предлог на закон, пред сè, има за цел да овозможи побрза и поефикасна постапка за наплата на социјалните придонеси и зголемување на сигурноста на граѓаните за остварување на правата од задолжително социјално осигурување.

- По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи, министерот за финансии истакна дека со овој Закон како услов за вршење на професијата сметководител и овластен сметководител се вовело задолжително полагање на т.н. влезен испит. 

Наспроти ваквите законски решенија, меѓународната пракса од областа на сметководството покажува дека статусот сметководител, пред сè, се стекнува со искуство во вршење на професијата, континуирано надоградување и усовршување преку стручни обуки. 

Поради тоа, се предлагаат измени на Законот за вршење на сметководствени работи, со кои наместо преку влезен испит во професијата, квалитетното и стручно извршување на професијата сметководител ќе се обезбеди преку континуирано усовршување и проверка на стекнатите знаења.

Во претресот учествуваа пратениците Марјанчо Николов, Јован Митрески и министерот за финансии.

- Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), министерот Миноски истакна дека предложените измени и дополнувања имаат за цел проширување на ревизијата и на проектите согласно Рамковната спогодба за ИПА II и Секторската спогодба за ИПАРД II. 

Со измените се врши: проширување на надлежностите при спроведување на ревизија кај одговорните структури и органи кои ги имплементираат програмите финансирани од Европската Унија во насока на оценување и на ефикасноста на финансираните проекти/програми; се пропишува: обврска за Ревизорското тело да изготвува ревизорска стратегија на тригодишна основа и да ја доставува до Европската комисија, a копија до националниот координатор за авторизација најдоцна до крајот на ноември во тековната за наредната година, како и обврска за Ревизорското тело годишните ревизорски извештаи и ревизорски мислења да ги доставува и до засегнатите страни (Европската комисија, Владата на Република Македонија, Националниот ИПА координатор и Националниот координатор за авторизација). 

  • Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, по шесте Предлог-закони не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата за финансирање и буџет ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.